Search

АД ЕСМ: ВМРО-ДПМНЕ е против купување сопствена механизација за РЕК Битола

АД ЕСМ со соопштение реагира на изјавата на Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој обвинуваза скандалозен тендер од 19 милиони евра на ЕЛЕМ, кој се мести да го добие фирма блиска до власта.

„Лицето Ивица Томовски кое е вработено во Елемтурс и кое држи прес конференции против фирмата од каде зема плата, треба да и соопшти на јавноста за која јавна набавка зборува во неговата денешна изјава.

Ја известуваме јавноста дека предметната јавна набавка се однесува на купување сопствена помошна механизација за РЕК Битола, со која комбинатот ќе почне да ја намалува својата потреба од ангажирање надворешни фирми. Доколку тоа не им одговара на ВМРО ДПМНЕ би требало тоа јавно да го соопштат и исто така да кажат од кои причини не го поддржуваат опремувањето на РЕК Битола со своја механизација.

Јавната набавка е објавена уште пред два месеци од страна на претседателот на владата и од генералниот директор на АД ЕСМ, што ја покажува важноста и сериозноста на проектот, и нејасно е зошто лицето во овој момент зборува за истата.

Набавката е на самиот крај и се очекува до крајот на месецот да се избере и најдобриот понудувач од 12-те пријавени фирми, кои се светски познати во својата област и во областа на производство на механизацијата која се побарува.

Технички дијалог, испитување на пазарот и сите потребни анализи за оваа набавка се направени минатата година, во рамките на веќе еднаш распишан тендер за истата намена. По него следуваше распишување јавна набавка според новиот закон, кој овозможува да се набави механизација која ќе биде квалитетна и која ќе трае долго време, односно која со години ќе го опслужува процесот на ископ на јаглен во РЕК Битола.

Доколку зад прес-конференцијата на ВМРО ДПМНЕ стојат дезинформации лиферувани од незадоволни економски оператори, тоа само покажува дека на партијата и на дел од економските оператори не им одговара што сега не се фаворизираат понудувачи, туку се цени исклучиво понудата која секој понудувач ја дава, за разлика од случаи кои се евидентирани во минатото и за кои дури има и судски пресуди, во времето кога ВМРО ДПМНЕ раководеше со компанијата.“

Треба да знаете
Последни објави