Search

Адрија ервејс поради недостиг на пари ги приземји авионите

Словенечката авиокомпанија „Адриа ервејс” објави дека ги прекинала сите летови планирани за денеска и утре поради немање пари, јавија локалните медиуми.

Според соопштение од компанијата, управата на превозникот побарала четири милиони евра од Владата, но тие средства не биле одобрени.

– Одлуката за прекинување на летовите се должи на недостигот пари што и се потребни на авиокомпанијата за да продолжи да работи. Компанијата интензивно бара решение во соработка со потенцијален инвеститор. Целта е да се овозможи Адриа Ервејс повторно да лета, велат од компанијата во извинување до патниците и партнерите.

Авиопревозникот некогаш беше државен, но е приватизиран во 2016 година и продаден на германскиот фонд 4К Инвест.

Оттогаш ги продале сите свои авиони и ги дале во закуп, но медиумите посочуваат дека долгот се зголемува кон добавувачите, а според некои извештаи таа сума изнесува дури 60 милиони евра.

Државата Словенија не може да го спаси тој превозник, но покажа подготвеност да ги измени законите што ќе овозможат субвенционирање на клучните патишта.

Аеродромот во Љубљана исто така соопшти дека има план за итни случаи, но се уште не откриле детали.

Според медиумите, со таа одлука погодени се стотици патници кои резервирале летови, а судбината на вработените во „Адриа ервејс” е неизвесна.

Треба да знаете
Последни објави