Search

Аднан Џафероски: Безбедноста на граѓаните е најважна, импровизација во заштитата и спасувањето не смее да има

Безбедноста на граѓаните е најважна, импровизација во делот на заштитата и спасувањето не смее да има, а за тоа се потребни квалитетни законски решенија, кои во моментов се во подготовка, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џефероски. Тој во интервјуто за 24 Инфо информираше за состојбата во Дирекцијата во изминатава година откако ја презеде функцијата, како и за идните планови на ДЗС, меѓу кои и актуелната кампања наменета за најмладите за да се запознаат со тоа што е заштита и спасување.

ДЗС распиша конкурс за нови пилоти на „Ер тракторите“, колку од воздухопловите се подготвени и со колку пилоти располага дирекцијата?

-Во моментот кога ме именуваа за директор на ДЗС затекнав ситуација во која имав три пилоти на располагање бидејќи двајца пилоти веќе си дале отказ, односно ги исполниле условите за пензија. Дирекцијата располага со три „Ер трактори“, а стандардите покажуваат дека на три воздухоплови треба да има минимум девет пилоти, односно по тројца на еден авион. Затоа неодамна распишавме конкурс и добивме согласност од Владата, односно од министерството за финансии за вработување на уште четири пилоти. Станува збор за дефицитарен кадар било каде, особено за вакви специјализирани воздухоплови. Веќе се пријавија четворица на интервју, како и двајца авиомеханичари. Во наредниов перид ќе се потпишат договори со овие пилоти на кои им следи изведување на обука за типизација на „Ер трактор“ која ќе трае минимум два месеци. Истата ќе се изведува во Италија и во Шпанија. Останатите пилоти вршат редовна тренажа. Авионите се скапи ресуси, за кои ако не се внимава ќе чинат уште повеќе. Затоа внимавам редовно да се сервисираат. Деновиве треба да се вратат од сервис за да бидат подготвени 100 отсто за наредната сезона. Ако ја поминат обуката ќе имаме седум пилоти, што не е доволно, но пак е многу подобро отколку сега, вели директорот.

Каква е екипираноста на Дирекцијата, дали недостасува кадар и опрема?

-Институцијата беше осакатена кадровски. Немаше раковители на сектори, одделенија, луѓето биле оставени на помлади соработници. Направивме анализа што ни е потребно, па успеавме да донесеме одреден број, пред се стручни кадри, па сега е на задоволително ниво. Полесно се извршуваат работите, иако не сме доекипирани. Наредната година ќе мора да донесеме уште  млади и стручни кадри.

Дирекцијата најчесто е дежурен виновник кога нема контролата врз пожарите, па општините вината ја префрлаат врз ДЗС. Дали е тоа навистина така?

– Противпожарната заштита е под локална власт, ние како Дирекција имаме навистина големи ингеренции, но во прашање е постапноста. Прво кога се случува пожар постапува локалната самоуправа со своите капацитети, ако не може да се справи тогаш треба да побара помош од соседните општини кои треба да се вклучат со своите капацитети. Ако ексалира целата ситуација тогаш се вклучува ДЗС, која има 14 ПП единици и кои влегуваат во републичките сили и тогаш се прогласува вонредна состојба во регионот по што  координацијата и командата ја презема Дирекцијата. Тоа е постапноста и редот кој треба да се запази, општините имат обврска со Законот за заштита и спасување да формираат подрачни единици, да ги обучуваат, да вложуваат во ПП заштита, да вработуваат професионални пожарникари и да ги обучуваат. Така да до сега секогаш го вперуваат прстот кон ДЗС без да ги отворат законите и да видат кои се нивните ингеренции, која е постапката при вакви случаи. Почнавме да работиме на координација со градоначалниците и се надевам дека ќе имаме подобра координација.

Дирекцијата деновиве почна едукативна капмпања наменета за најмладите. За што конкрено станува збор?

– Безбедноста и заштитата на децата ќе биде ѕвезда водилка во нашата работа па затоа ја почнавме каппањата „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени“.  Тргнавме со овој проект во соработка со општините, прво во Скопје, а понатаму и во другите градови. Се делат флаери во училиштата и прикажуваме два краткометражни филмови на кои е прикажано како децата треба да се заштитат во случај на одредена природна катастрофа. Кампањата ќе ја продолжиме се со цел подигање на свеста за заштита и спасување, пред се на децата како да се самозаштитат, да си помогнат, а не да чекаат некој друг. Треба свеста да се подигне кај луѓето, а најважни се децата. Треба да ги научиме на некои вредности кои понатаму ќе ги пренесуваат на идните генерации. Вака имаме голем јаз, децата ниту знаат што е заштита ниту спасување, ниту самите знаат да се самозаштитат, а камоли да му помогнат на некое другарче. Затоа ќе се потрудиме заштитата и спасувањето да влезе во некој предмет во образовнието, како што беше во минатиот систем, но повеќе информативно.

Како сте задоволни од постигнатото во изминатава година откако сте директор на ДЗС?

-Одделението за обуки спроведе 54 обуки за заштита од разни несреќи во големите компании, комбинати и училилишта. Нашите меѓународни тимови за спасување редовно се на обука надвор од земјава, направивме две големи регионални вежби со колегите од соседството, догодина и кај нас ќе се спроведе таква вежба. Изведовме голема вежба за евакуација на болницата „Аџибадем Систина“ под меѓународен мониторинг, учествувавме на НАТО вежба. Но она што е најважно работевме на меѓуинституционална соработка оти во иминатото немало никакви контакти. Сега имаме апсолутно добра соработка со АРМ и МВР. Веќе направивме две вежби, едната во март на Попова Шапка на која беше носител ДЗС, а есенва и „Есенска бура“ во организација на АРМ, а во која за прв пат учествуваа трите институции. Токму изградбата на безбедносен систем во кој ќе бидат вклучени сите релевантни институции а една од клучните цели на ДЗС.

Што е тоа што му недостига на сегашниот систем и зошто во Македонија се случуваат големи трагедии при природните катастрофи?

-Бебедноста на граѓаните е загрозена ако немате воспоставен систем и јасна координација кој што работи во системот. Импровизација со заштитата на животите и имотот на луѓето не смее да има. Затоа ги нотиравме слабостите и тргнавме во реализација на нови законски решенија. Законот за заштита и спасување, кој е од 2005 година треба да претрпи големи промени. Формирани се работни групи кои работат на подготовки на тој, но и на изработка на Закон за критична инфраструктура, како и на нов Закон за противпожарна заштита. Закон за критична инфраструктура Македонија нема, за жал. А таков закон е потребен да се види што е и која е таа критична инфраструктура кон која треба да се насочи вниманието за да може да се делува превентивно. Превентивата е пред се, па потоа заштита и на крај спасување. Во врска со новиот Закон за ППЗ се прават анализи дали треба да остане под локалната власт или да премине под ингеренции на некоја друга институција или под ДЗС.

Игор Шегавиќ

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

 

Треба да знаете
Последни објави