Search

Адеми: Професионални комисии одлучуваа за конкурсите, не ја потпишав програмата со затворени очи

Министерот за култура Асаф Адеми, националниот координатор за култура и поранешен министер за култура Роберт Алаѓозовски и посебната советничка за култура на премиерот Цветанка Ласкова денеска учествуваат на надзорната расправа на тема Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018.

Министерот Адеми во обраќањето рече дека објавувањето на резултатите од годишните конкурси на Министерството за култура во средствата за јавно информирање, предизвика низа реакции што отворија нов дијалог меѓу Министерството и културната јавност.

Од друга страна, посочи тој, тоа укажува на суштинско менување на законската регулатива за културата, особено во делот на финансирањето.

– Како министер за култура и како човек кој длабоко ги респектира авторите и уметниците, нема да дозволам нивниот уметнички труд и ангажман да биде несоодветно валоризиран. Во таа смисла ги преземавме сите правни механизми. Рокот за продолжување на пријавите на конкурсот го продолживме за 30 дена, а стручните комисии ги преиспитаа поднесените апликации, истакна министерот.

Ги повика сите оние кои сакаат да конкурираат, во иднина да доставуваат комплетни документации и почитување на законската регулатива.

Адеми рече дека ниту еднаш не го искористил дискреционото право за одлучување при финансирањето на проектите, туку оти тоа го оставил на стручните комисии, составени, како што рече од долгогодишни професионалци во струката.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Магдалена Манаскова го праша министерот зошто некои национални установи добиле помалку средства, за разлика од одредени невладини организации што добиле повеќе пари за еден проект, посочувајќи го примерот дека Здружението Еко вида и Тралала добиле по 780.000 денари, а Националните установи Музеј на Тетово кое добило 440.000 денари и НУ Музеј на Гевгелија 630.000 денари за своите годишни програми.

Адеми повтори дека ниту една одлука не е донесена од негова страна, туку од страна на стручните комисии и оти стои на ставот дека сите нивни членови се професионалци.

Манаскова му одговори дека не се согласува со тоа и побара од министерот да ги достави биографиите на сите членови на комисиите.

– Не ја потпишав програмата со затворени очи, туку го почитувам мислењето на комисиите и нивните членови, одговори министерот на прашањето од пратеничката Нора Исмајлоска-Старовa за ревидирање на Годишната програма за нацинален интерес во културата.

Националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски рече дека проблемите со Годишната програма за култура се појавуваат од нејзиното инаугурирање во 1998 година.

– Забелешките кои културните работници ги искажуваа уште тогаш не се многу поинакви од оние што дури и во мојот мандат се изнесуваа. Тоа укажува на тоа дека концептот на годишната програма не соодвевствува на динамиката на културниот живот, на воспоставените културни, па дури и административни практики, рече Алаѓозовски.

Тој истакна дека уште како опозиција, имале јасна визија кои се недостатоците и каков треба да биде новиот концепт, особено на финансирање на културата.

Алаѓозовски се осврна на програмата за култура од 2017 година, по што пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска му порача дека заборава оти повеќе не е министер за култура.

Таа го обвини дека додека бил министер, одобрил околу 15 милиони денари на неговите пријатели од „Јадро”, каде што влегува и „Контрапункт”, чиј основач е тој, на што Алаѓозовски возврати оти тоа е евтина партиска конфронтација, и оти од 2007 не е повеќе член на тоа здружение и оти немал никаков конфликт на интереси.

Цветанка Ласкова, посебен советник за култура на премиерот Зоран Заев, во обраќањето посочи дека за разлика од порано, средствата од Годишните програми за култура се доделувале во затворен круг и на мал број апликанти, а сега корисници се поголем број граѓани.

– Јавноста честопати се прашува која е улогата на посебните советници. Мојата главна задача е да бидам мост меѓу премиерот и Министерството за култура, институциите од културата и сите засегнати страни, кои сакаат да стапат во контакт со премиерот. Учествувам во координирање на културни настани, давам предлози за конкретни проекти, со цел спроведување на Програмата за развој на културата и на Националната стратегија за развој на културата, рече Ласкова.

Пратеничката Лашкоска ја праша Ласкова како таа со големо искуство во естрадата, која и самата има фолк хитови од фестивалот „Валандово”, фестивалот оваа година да добие само еден милион денари, за разлика од претходната власт кога добил три милиони денари.

Ласкова на тоа одговори оти не немала улога во одлучување за проектите, туку нејзина работа била само да се информира и да изврши увид во Годишната програма, особено по рекациите во јавноста.

– Ги знам трошоците за фестивалот кои надминуваат и пет милиони денари, но и општината учествува во средствата и ова е капка во трошоците со кои Министерството за култура помага во овие манифестации, одговори Ласкова.

Пратеничката исто така ја праша Ласкова дали се чувствува непријатно што ја ревидирала програмата на примадоната Весна Ѓиноска-Илкова која беше членка на Комисијата за музичко-сценска дејност.

Ласкова на тоа повтори дека не била вклучена во процесот на одлучувањето, во кратењето средства и формирањето на буџетот.

Министерството за култура на својата Интернет страница вчера ги објави финалните резултати од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година.

„По првично објавените резултати, откако беа увидени формални недостатоци во документацијата на дел од пријавите и во согласност со Законот за општа управна постапка (член 39 став 3 ) на апликантите им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за нив. Исто така, беше извршен и детален преглед на бодовите за секоја ставка од конкурсите, а беа одржани и средби со дел од културните оператори, соопшти вчера Министерството.

На надзорната расправа присуствуваа претставници од државните и научните институции и граѓанските организации. По завршувањето на Надзорната расправа, собраниската Комисија за култура ќе излезе со заклучоци од истата.

Треба да знаете
Последни објави