Search

Адеми: Згрозен сум од снимките, учениците треба да се соочат со педагошки или казнени мерки

Министерот за образование и наука Арбер Адеми изјави дека осудува какво било девијантно однесување на учениците во и надвор од училиштата. Во врска со снимките со насилно однесување на ученици кои тие ги поставиле на Инстаграм и минатата недела се раширија на социјалните мрежи, Адеми денеска рече дека за тие ученици треба да следуваат педагошки, а евентуално и казнени мерки.

– Тоа не е целта на воспитно-образовниот процес. Згрозен сум од видеоматеријалите кои беа споделени преку социјалните мрежи и сигурен сум дека непријатно се чувствуваат или би требало да се чувствуваат непријатно и учениците, но и нивните родители. Секако дека тие ученици треба да се соочат со педагошки мерки, а евентуално и со казнени мерки, изјави Адеми по промоцијата на новата програма на ЕУ – Европски солидарен корпус.

Тој посочи дека првата алатка за справување со девијантно поведение на учениците се стручните служби на училиштата, дека МОН не е надлежно да одредува какви треба да бидат санкциите, но дека може да помогне со поддршка или советување.

– Затоа сме и заинтересирани да ги зајакнеме стручните служби во училиштата. Тие први реагираат, први забележале оштета на мебел и инвентар, повреди кај учениците. Тие реагираа и се преземени мерки. МОН не може да им наложува на стручните служби како треба да си ја завршат својата работа од професионален аспект. Ако бараат поддршка, помош или совет од нас како институција, секако им стоиме на располагање. Но, немаме надлежност да им посочиме каква мерка или, евентуално, санкција да се предвиди кон тие ученици, додаде Адеми.

Треба да знаете
Последни објави