Search

Адеми го поддржува барањето за нивелација на платите во културните институции

Министерството за култура позитивно реагираше на вчерашните барања од Синдикатот на културните работници, и ги поддржува во иницијативата до Собранието да се направи нивелација на платите во културните институции.

-Како ресорно министерство задолжено за обезбедување достојни професионални услови за работа на уметниците во земјава и на другите субјекти кои придонесуваат за квалитетот на културните дејности во земјава, изразуваме жалење што сѐ уште не се создадени услови за потпишување нов колективен договор со кој ќе се надминат наталожените долгогодишни проблеми во оваа област.
Како што истакна министерот за култура Асаф Адеми на прес-конференцијата за буџетот, негов главен  приоритет останува новиот Закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието на РМ, и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе се создадат услови за потпишување на колективниот договор во културата, соопштуваат од ресорното министерство.

Средствата потребни за остварување на овој договор, пак, дополнително ќе бидат обезбедени по спроведените анализи од страна на стручните служби на Министерството за култура и претставниците на репрезентативен синдикат.

Работната група при Министерството за култура во која членуваат претставници на синдикатите активно работела  на правична валоризација на трудот на вработените во културата.

-Министерот за култура Адеми ја поддржува иницијативата на СКРМ, кој преку амандман поднесен од претставници во Собранието на РМ бара средствата за нивелација на платите да бидат изгласани и вметнати во буџетот за 2019 година, пишува во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави