Search

Адеми – Богдановиќ: Културната соработка е содржајна, има потенцијал да се продлабочи

Министрите за култура на Северна Македонија и Црна Гора, Асаф Адеми и Александар Богдановиќ, денеска во Скопје потпишаа нова Програма за соработка во културата за 2019-2022, која произлегува од Спогодбата за развој во културата на двете земји од 2006 година.

Адеми и Богдановиќ на прес-конференција по средбата истакнаа дека двете земји имаат одлична соработка на надворешнополитички план за што показател, како што рече Адеми, се билатералните посети на сите нивоа.

-Тие односи треба да се унапредуваат во сите општествени сфери, особено во културата која е одличен медијатор во нашата комуникација. Во изминатите години се реализираа голем број проекти и иницијативи, учества на фестивали во двете земји, особено во театарот, каде што имавме и бројни признанија. Уверен сум дека со новата програма нашите врски ќе се продлабочат уште повеќе во сите дејности од културата, истакна Адеми.

Посочи и дека со Црна Гора соработуваме и мултилатерално преку проекти како Форумот на словенски култури, мрежата за преводи „Традуки”, Советот на министри за култура од ЈИЕ, Платформата НР Кина + 16 земји од ЦЕИ…

Според црногорскиот министер Богдановиќ, двете земји  чии заеднички вредности, како што рече, се мултикултуралноста и мултиетничноста,  имаат потенцијал да ја продлабочат културната соработка која и сега, рече, е  пријателска и содржајна.

-Се договоривме дека имаме многу активности во наредните три години во областа на културно-уметничкото творештво и во културното наследство. Двете земји особено имаат потенцијал за соработка во кинематографијата. Црна Гора има нов закон со кој даваме поттикнувачки мерки што нѐ прави конкурентни во регионот, но и пошироко во Европа, рече црногорскиот министер.

Смета дека соработката треба дополнително да се развива во археологијата и културното наследство и да се кандидираат што повеќе проекти од нематеријалното наследство на Репрезентативната листа на УНЕСКО за што, рече, двете земји имаат многу добри искуства.

-Се договоривме во наредниот период дополнително да ги афирмираме оние археолошки наоѓалишта и локалитети кои досега не биле доволно заштитени. Важна е институционалната соработка, особено со Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство во Скопје, за што мислиме дека македонските искуства се драгоцени за Црна Гора и можеме да организираме едукација и доедукација на кадар од областите во кои ние гледаме дефицит во нашата земја. Пред сѐ мислам на археолози, етнолози и конзерватори, рече Богдановиќ.

Потенцијал за соработка, посочи тој, има и во креативните индустрии кои се во подем, и дека Црна Гора оваа година ќе основа три креативни хаба во кои може да творат уметници од цел регион и ќе може да ги презентираат културите на своите земји.

Северна Македонија и Црна Гора, додаде Богдановиќ, го прават овој простор многу постабилен и преку меѓународни активности, при што потсети дека црногорскиот Парламент на 1 март  го ратификуваше Протоколот  за членство на земјава во НАТО.

Во рамки на работната посета на делегацијата од Црна Гора предводена од министерот Богдановиќ, вечер во Музејот на македонската борба ќе биде отворена изложба „Европската мода на црногорскиот двор”.

Треба да знаете
Последни објави