Search

Адел се расплака кога ја виде својата наставничка: Вие ми го променивте животот

Поп-дивата Адел беше неизмерно изненадена кога нејзината наставничка по мајчин јазик неочекувано се појави од публиката во текот на настапот Audience With Adele во „Лондон Паладиум“ во неделата вечерта.

За време на специјалната емисија на Иј-ти-ви (ITV) Адел изведе песни од својот нов албум „30“ и одговараше на прашања од публиката преполна со ѕвезди, меѓу кои Хана Ведингем, Дуа Липа, Ема Вотсон, Стормзи и Ема Томпсон.

Во еден момент Томпсон ја праша: „Кога беше помлада, имаше ли некој што те поддржуваше, те инспирира или те заштити од сите искушенија и неволји во животот и те мотивира да продолжиш?“

Адел одговори дека имала учителка во Честнат Гроув, која ѝ предавала мајчин јазик, госпоѓа Мекдоналд. Кога Томпсон ја праша дали одржува контакт со неа, Адел одговори: „Не, таа замина кога бев осмо одделение. Тоа беше само една година, но таа навистина ме навлече на литература. Отсекогаш сум била опседната со англискиот (мајчиниот) јазик и сега пишувам текстови за моите песни. Едвај чекав да имаме час кај неа“.

Тогаш Томпсон откри дека госпоѓата Мекдоналд е во публиката, што предизвика солзи кај Адел кога наставничката се упати кон сцената за да се поздрави со неа.

„Здраво, драга моја! О, мој боже, толку се гордеам со тебе“, рече Мекдоналд кога се качи на сцената за да ја прегрне својата поранешна ученичка.

Во емотивна реакција со солзи радосници Адел ѝ кажа дека ги чува сите книги и учебници од нејзиниот предмет во училиште. „Вие навистина го променивте мојот живот!“, рече Адел.

Треба да знаете
Последни објави