Search

Адвокат Николовска: Судовите и обвинителствата не се во сопственост на Зоран Заев, тоа се институции на народот

Почитувани,

И денешниов, вечерашниов протест го започнавме исто така како и изминатите од пред зградата на министерството за правда. Објектот кој треба да биде синоним на третиот столб на демократијата но за жал денеска е министерство за неправда.

Власта на СДСМ и Зоран Заев имаа време од четири години – период во кој имавме и видовме огромен број на случаи и на сомневања за криминал. Дали нешто преземаа и дали доби некој од тие случаи судски епилог? Не, мои браќа и сестри. Не, доби. И знаете што тоа беа такви криминали да не ги наредувам сите, и да не ги набројувам. Почнувајќи од бизнисот со марихуана па се до сомнителни продажби на недвижен имот. Видовме Луј Витон судство и многу други криминални афери.

И дали испорачаа правда? Прашувам дали се испорача правда? Во предметот познат во јавноста како „27 април“?  Нашите браќа лежат во затвор, за тој предмет.

Дали можеби испорачаа правда во смешната казна за т.н. Боро Малборо за шверц со цигари? Кога згора на се и го наградија, му доделија лиценца за да води бизнис со марихуана.

Дали испорачаа правда за случајот „Рекет“? Не! Не испорачаа, туку напротив, знаете што, еве гледаме како обвинителите водат лична војна со ВМРО-ДПМНЕ. Гледаме селективна правда и селективен пристап.

Но она што сакам исто така да го кажам, како човек кој што секојдневно е токму во оваа зграда и онаа онаму, по ходниците и по судските сали, имаме и ние чесни судии, имаме и професионалци. Но за жал, за сметка на оние кои решиле да работат под диригентската палка на Зоран Заев и власта на СДСМ го рушат кредибилитетот на судството и независноста на судството.

Слушнавме власта зборува за прочистување на судството, какво прочистување? Упатува порака дека можеби ќе бидат прочистени оние кои нема да постапуваат по нивниот налог? Тоа ли е прочистување на судството?

Пред малку слушнавте накратко, но сакам да ви кажам лично за тоа што кај мене доаѓаат такви луѓе. Секојдневно се врши притисок и мобинг врз луѓето вработени во државниот и во јавниот сектор. Им се делат откази, се прераспоредуваат на работни места кои им се оддалечени и повеќе од 120 километри од нивното место на живеење.

Па, драги господа од власта, сакаме да ве прашаме дали истото вакво прераспоредување го правите и за вашите деца? Дали за синови и ќерките на вашите членови на партијата вака ќе ги прераспоредите? Не, нив нема да ги прпераспоредите.

Ние денеска станавме општество на заробена мисла. И затоа денеска сме сите ние во волкав број овде присутни. За да го изразиме незадоволството од неправдата, од селективниот пристап и од сите криминали и афери кои на крајот на нашиот грб се сведуваат.

Сакаме да и порачаме на власта дека нашата бескомпромисна борба за чесност и за правда и еднаквост за сите ќе продолжи! И уште една работа да и порачаме на власта, овие судови овде и обвинителствата не се друштва со ограничена одговорност во нивна приватна сопственост за да некој ги менаџира како сака. Тоа се институции за граѓаните, и за заштита на нашите права. Затоа ќе продолжиме да се бориме додека оваа ненародна власт не ја тргнеме.

Да живее Република Македонија!

Треба да знаете
Последни објави