Search

Адвокат Миланов: Молба за присуство на рочиштето во четврток кога се планираат завршни зборови во врска со обвинение ,,Насилство Центар,,

Најнапред да Ви се извиниме што по втор пат Ви се обраќаме со цел да присуствувате на рочиштата по предметот К –  бр. 1904/16 ,,Насилство Центар,, но на истото сме приморани бидејќи сме свесни дека единствено професионален надзор над судските процеси ќе придонесе кон фер и правично судење, а особено со оглед на фактот дека уште пред да почне оваа постапка постои  стигматизација на личноста на нашиот клиент, како и претпоставка на вина без почитување на правото пресумпција на невиност.

 Ја користиме оваа прилика на сите присутни кои дадоа свој придонес и учество на судењето кое се одржа на 17 септември искрено да им се заблагодариме, со надеж дека бројот на присутни ќе биде драстично зголемен на рочиштето закажано за 24 септември, 2020 година за кој датум се закажани и завршните зборови по овој кривичен предмет.

Во самиот допис што Ви го испративме на 14.9.2020 година наведовме дека сме загрижени за начинот на одвивање на судските рочишта поради голем број на суштествени повреди на постапката и затоа тогаш побаравме ваше мониторирање.

За жал и на судењето кое се одржа на 17.09.2020 година бевме сведоци на повреда на правото на одбрана и правото на еднаквост на оружјата.

Во оваа прилика сакаме да Ве информираме дека како бранители на Миле Јанакиески побаравме малку повеќе време за подготовка на завршните зборови земајќи во предвид дека нашиот клиент е скоро 2 години во притвор,  а покрај тоа има и секојдневни судења кои исто така бараат подготовка, па просто е невозможно за неполна недела да се изанализираат записници од 4 години кога во тие денови нашиот клиент, а и ние со него ќе бидеме постојано на судење, но како што и очекувавме судот го одби ваквото Наше барањетоа со што директно се нарушува правото на одбрана.

Со ваквиот тек на постапката и нееднаквост на оружјата сметаме дека се прејудицира исходот во оваа судска постапка. Правните аномалии кои ги предизвикува ваков кривичен прогон мораат во Република Северна Македонија да останат на ниво на правен инцидент кој во старт треба да биде оневозможен, а не да стане пракса.

Сметаме дека е време состојбата на безличноста на правосудството да престане и да се врати интегритетот и довербата во системот и никој невин да не биде осуден.

 

Почитувани,

Како адвокати со долгогодишно искуство, веруваме дека вистината во судот ја одредуваат доказите. Доказите се мерка за судската вистина. Доказот е сржта на секоја судска одлука и централна и главна точка на секое судско постапување. Не претпоставки, не изговори, не се подразбира односно подразбирање. Затоа веруваме дека присуството на Вашите преставници и мониторинг на овој процес ќе придонесе да се донесе пресуда која единствено ќе биде заснована на докази а притоа почитувајќи ги сите позитивни законски прописи во Р. С. Македонија.

Поради се горенаведено уште еднаш замолуваме судењето на 24.9.2020 година со почеток во 10ч да биде набљудувано од преставници на невладините организации, медиуми, меѓународен фактор но и надворешни, независни професионалци кои ќе стекнат објективна слика при следењето на завршната фаза на постапката.

 

Треба да знаете
Последни објави