Search

Адвокат Даути: Не го одолговлекувам „ТНТ“, постапувам законски и во најдобриот интерес за мојот клиент

Адвокатот Мерџан Даути од Скопје со соопштение реагира на информациите во медиумите кои се однесуваат за судењето за случајот „ТНТ“.

„Во врска со одредени информации пласирани во јавноста, а во врска со судскиот процес за предметот „ТНТ”, најостро ги демантирам изнесените шпекулации во врска со мојата одбрана како адвокат во предметот, а за наводни „финти” со употребата на албанскиот јазик за да се добие на време во процесот.

Јас како адвокат, а во согласност со прописите за адвокатурата, должен сум секогаш да постапувам во најдобар интерес на клиентот и да го почитувам принципот кој изречно нагласува дека помеѓу адвокатот и клиентот мора да постои однос на доверба. Принципите за дејствување во најдобар интерес на клиентот и принципот на доверба се темелот на адвокатската професија.

Во таа смисла, адвокатот е и обврзан да ги користи сите законски механизми кои ќе му овозможат најдобра одбрана на клиентот и примарно ќе бидат во интерес на клиентот. Оттука, постапувањето на адвокатите не може неосновано да се „толкува” дека има одредена цел бидејќи целта е да се даде професионална одбрана во согласност со законите и со Етичкиот кодекс на адвокатите.

Во таа насока е и мојата одбрана на клиентот Елисавета Најдовска во предметот „ТНТ”, но и на сите мои досегашни одбрани во судските постапки како адвокат. Точно е дека во овој случај јас поднесоците ги поднесов на македонски јазик и на албански јазик и точно е дека побарав доказните материјали да бидат преведени на албански јазик, но тоа е мое легитимно право во согласност со законодавството, а особено со Законот за употреба на јазиците.

Во членот 9 од овој закон, меѓу другото,  се пропишува дека во судските постапки покрај примената на македонскиот јазик се применува и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, односно албанскиот јазик.

И покрај ваквата одредба, која е сосема јасна, јас во дел од постапка на 6.11 2019 година и го употребував македонскиот јазик, со што паѓаат во вода паушалните констатации дека наводно сум рекол дека не сум го говорел македонски јазик.

Фактите за случајот го говорат следново:

На ден 4.11.2019 година доставив поднесок на македонски и на албански јазик, со кој го известив судот за ангажирање на нов бранител на лицето Елисавета Најдовска, со барање за увид во списите на предметот и фотокопирање на истите списи и докази со превод на албански јазик.

За одржувањето на рочиштето побарав симултан превод, но рочиштето се одложи за 19.11.2019 година поради немање услови. Претходно, на ден 6.11.2019 година на расправата говорев на македонски јазик. Следниот ден, на 7.11 2019 година забележав дека нема превод на албански јазик на доказниот материјал, па морав да го напуштам увидот само поради фактот дека доказниот материјал е обемен, но и без превод на албански јазик.

Како и досега, јас и во овој случај јас ќе постапувам во согласност со законите и најдобриот интерес за мојот клиент, а за сите „сомневања” и „толкувања” повторно упатувам на позитивните законски прописи за јазиците, за постапките и за адвокатурата, каде што како темелна вредност е потенциран интересот на клиентот и довербата.

Со почит, Меџан Даути, адвокат од Скопје“

Треба да знаете
Последни објави