Search

Адвокатите бараат одложувања на судењата на СЈО поради набиена агенда, судот не попушта

Адвокатот Димитар Дангов, кој го брани обвинетиот Сашо Срцев, не дојде на денешното рочиште за предметот „Титаник 2“, бидејќи брани обвинет во предметот за крвавиот четврток, за кој, денеска, исто така, има судење. Без неговото присуство судењето не може да почне.

Судијата Огнен Ставрев рече дека судењето е закажано пред повеќе од 1 месец и ова однесување на адвокатот е несериозно и заради тоа ќе го казни Дангов. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека нема да дозволат да се одложи судењето заради оваа причина. Адвокатот Боро Тасевски рече дека имаат за различни предмети на СЈО по неколку рочишта во еден ден и не можат да стигнат. Судијата даде половина час пауза за Срцев да се договори да го застапува некој од адвокатите на Сашо Мијалков. Адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски рече дека приоритет има притворскиот предмет во предметот за крвавиот четврток.

Во предметот „Титаник 2“ на СЈО за изборни нерегуларности обвинети се ексдиректорот на УКБ, Сашо Мијалков, Мендух Тачи од ДПА, потоа Субхи Јакупи, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски, поранешни членови на Државната изборна комисија. Мијалков е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а другите за злоупотреба на службената положба и овластување.

И за овој случај снимките од прислушуваните разговори можат да се користат како докази во судската постапка. Дел од овие снимки беа објавени и од нив може да се слушне раговор меѓу Мијалков и Тачи како договараат како да гласа членот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими, за некои приговори за локалните избори во 2013 година.

Треба да знаете
Последни објави