Search

Агенцијата за филм: Годинава светот го освоија инспиративни македонски филмови

Домашната кинематографија ќе ја испрати 2019 година како исклучително успешна година во која инспиративните македонски филмови го освоија светот, беше пораката од годинешниот настан „Во наша режија“, организиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија заедно со „Креативна Европа медија деск МК“ и Друштвото на филмските работници.

Пред присутните филмски работници и актери, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, истакна дека годинава е навистина многу ретка по огромниот филмски бум што го создадоа и креираа, како што рече, нашите филмски мајстори.

„Во прилог на овој факт сведочат и бројките од премиери на 29 филма, учество на над 200 фестивали и добиени над 60 награди. Во оваа пригода да потсетиме само дека македонскиот кандидат за ‘Оскар’, ‘Медена земја’, ги собра аплаузите на три континента. Притоа, овој магичен филм, кој рапидно го зголемува бројот на свои фанови, се закити со голем број престижни награди од реномирани филмски фестивали, како што се ‘Санденс’, Интернационалниот фестивал во Сао Пауло и многу други. Со наградата ‘Лукс’, пак, Европскиот парламент му се поклони на македонскиот филм ‘Господ постои, името ѝ е Петрунија“, рече Тозија.

Тој ги спомена и другите проекти, како најновиот филм на Милчо Манчевски „Врба“, кој беше прикажан на етаблираниот филмски фестивал во Рим. Потоа, „Извидник“ на Алекс Цветков и „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куртим Бектеши, кои имаа свои проекции на важни филмски фестивали.

На вчерашниот настан Агенцијата за филм првпат ја промовира публикацијата за постигнатите резултати, настани и активности за измината година со наслов „Факти и бројки“.

Оваа публикација директорот Горјан Тозија ја најави како редовна тековна активност истакнувајќи дека нејзиното издавање претставува тотално скенирање на целокупната годишна работа на институцијата.

На крајот беше порачано дека со голема возбуда се чекаат новите подвизи на македонската кинематографија, на која светските филмски хоризонти ѝ се широко отворени.

Настанот „Во наша режија“ имаше и хуманитарен карактер преку иницијативата „Топол дом за сите“. Собраните финасиски средства ќе бидат донирани за реновирање на живеалиштата за деца што живеат во тешки услови.

Треба да знаете
Последни објави