Search

Агенда Социјална заштита 20-24: Општините ги приклучуваме во системот за социјални услуги

Две години интензивно се работи на промена на социјалната сфера и конечно може да се зборува за остварување на социјалните права на голем број категории на граѓани. Иако постојат предизвици со кои ќе се соочи државата во иднина, а пред се значат подобрување на социјалниот статус на сиромашните групи, сепак и тоа што до сега е направено е многу повеќе она што беше наследено од претходната Влада- се согласија учесниците на граѓанската трибина „Агенда 20-24″ во Штип.
Експертот за развој на социјални услуги, Душан Томшиќ зборуваше пред граѓаните дека бил наследен целосно уништен и нефункционален систем за социјална заштита и затоа ја нагласи неопходноста од коренити промени.
„Сите беа научени државата да им даде пари и мислеа дека тоа е социјалната заштита, никој не знаеше дека системот подразбира и услуги за подобар и поквалитетен живот. Секако дека се потребни пари и план за да се развие некоја услуга, но потоа тоа ќе значи дека градиме систем кој ќе се грижи за секоја индивидуа посебно согласно неговите потреби”- нагласи Томшиќ.
Во пракса тоа би значело дека ќе се активираат служби кои ќе помагаат на стари и болни во руралните средини, особено во оние од каде што младата популација е замината. Потоа, услуги кои на локално ниво ќе им се даваат на лицата со попреченост, што значи дека освен парите што некои категории граѓани би ги добивале, тие да имаат и бесплатна услуга од стручно лице.
„Обезбедени се пари преку проекти со Светска банка наменети за сите општини кои имаат потреба од социјални услуги. На мое изненадување дури 65 општини се пријавија да станат корисници на средствата за социјални услуги. До пред извесно време општините се занимаваа исклучиво со патиштата, водоводот, инфраструктурата… но, сега веќе се менува и тоа, локалната самоуправа пројавува интерес да го прошири делувањето и да им излезе во пресрет на социјално ранливите категории на граѓани”- заврши Томшиќ.
Професорот Бранимир Јовановиќ од Институтот за социјални и хуманистички науки потсети на сето она што е направено во изминатите две години, како решениот статус на стечајните работници, инвестициите во социјалните услуги, зголемувањето на минималната плата… со што државата оди во вистински правец во однос на социјалната сфера.
„Сепак, колку и да вложуваме секогаш ќе биде малку. Затоа е неопходно да продолжи растот на минималната плата. Социјалните мерки мора да се прошируваат, да опфатат поголем број семејства и поголем број лица на кои им е потребна помош. Паралелно мора да се донесе нов Закон за работни односи, кој знам дека не е лесно да се донесе, но подобро да го подготвуваме подолго и да имаме вистинско и спроведливо решение, отколку да избрзаме”- изјави Јовановиќ на трибината „Агенда 20-24″.
Говорниците се согласни дека е неопходно државата да продолжи да инвестира во човечки капитал затоа што е очигледен недостатокот на стручен кадар. Не може да се создаде социјален систем кој ќе значи целосна заштита на сите категории граѓани доколку нема обучени и пожртвувани социјални работници.

 

Треба да знаете
Последни објави