Search

Австриската СПО отпушта вработени, но ги задржува скапите екстерни советници

Социјалдемократската партија на Австрија (СПО)  ќе отпушти една четвртина од вработените во својата партиска централа, но ќе ги остави, со поевтини договори,  инаку скапите екстерни советници.

Долговите на СПО изнесуваат 14,9 милиони евра, а лошата финансиска состојба ги натера социјалдемократите на драстични мерки за штедење.

Генералниот секретар на партијата, Кристијан Дојч, соопшти дека партијата ќе им врачи откази на 27 од вкупно 102 вработени во партиската централа.

Партијата, истовремено, иако ги намалува бројките, не ги раскинува договорите со екстерните советници, како што е некогашниот портпарол на канцеларот Недељко Билалиќ.

Покрај 27-те вработени кои ќе добијат отказ, централата на СПО ќе загуби и други вработени на кои им истекуваат договорите за работа, односно ќе заминат во пензија.

Дојч не сакаше да ја каже точната бројка на вработени кои ќе ја напуштат партијата, како ни тоа во кои сектори ќе следи „резот”.

-Ќе мораме со помалку вработени да дадеме поголем придонес, порача лидерката на СПО, Памела Ренди Вагнер, која се наоѓа на мета на критиките заради поразот на изборите, што влијае врз намалените дотации од државната каса.

Таа истакна дека, при преземањето на партијата, презела и вреќа полна со камења, и истакна дека поголемиот дел од долгот го наследила.

Што се однесува до критиките во јавноста за договорите на екстерните советници, пред сите на Билалиќ, таа изјави дека тој во иднина ќе работи за далеку помал износ. Место досегашните 24.000 евра месечно Билалиќ од идната година ќе добива само една третина, односно по 8.000 евра месечно.

Треба да знаете
Последни објави