Search

Австралија отпушта командоси поради ликвидации во Авганистан

Австралија ќе отпушти најмалку десет припадници на специјалните воени сили по објавување на извештај со сигурни докази за нелегални убиства во Авганистан, јави денеска Еј-Би-Си.

Во независен извештај во редактирана форма се наведуваат докази дека 19 австралиски војници убиле 39 невооружени авганистански затвореници и цивили. Извештајот го изготвил државен судија назначен од Генералниот инспекторат на австралиската армија.

Во извештајот не се идентификувани ниту еден од 19-те војници. Се работи за поранешни и сегашни војници кои се соочуваат со евентуален судски прогон.

Како што јави Еј-Би-Си, досега, десет војници кои биле сведоци или учесници и не се дел од групата од 19 војници на кои им се заканува обвинение за кривично дело, добиле официјално известување дека се отпуштени од армијата.

Нивниот идентитет исто така не е откриен во извештајот.

Австралиското Министерство за одбрана сè уште не ја коментирало веста.

Највисокиот воен австралиски претставник минатата недела му се извини на Авганистан по објавувањето на извештајот.

Австралиските трупи беа дел од меѓународната коалиција предводена од САД во борбата против талибанците откако вооружената група беше соборена од власт во 2001 година.

Треба да знаете
Последни објави