Search

Австралиските пожарникари сами собираат средства за квалитетни маски за дишење

Пожарникарите во Нов Јужен Велс, Австралија покренаа итна акција за собирање средства за набавка на подобра безбедносна опрема откако открија дека маски за дишење обезбедени од државата не се доволна заштита на терен, пренесуваат австралиските медиуми.

„Нашата бригада очајно се обидуваше да ги заштити домовите и имотите, целосно исцрпена, и со ужаснатост да го велам ова, користејќи маски за прашина обезбедени од Руралната противпожарна служба (РФС) на Нов Јужен Велс, за да ги заштитиме нашите дишни патишта.

„Во одбрана на РФС, ова се невидени услови што никој не можеше да го очекува, но ние немаме друг избор освен да излеземе и да се бориме со огнот со тоа што го имаме“, рече Џо Арена, благајник на рурална противпожарна бригада „Копакабана“, за „Еј-би-си Сентрал Коуст“ во вторникот.

Волонтерската екипа е меѓу првите кои реагираа на мега пожарот којшто се формираше кога неколку пожари северно од Сиднеј се споија, опустошувајќи повеќе од 320.000 хектари.

Најмалку шест лица загинаа, а повеќе од 700 домови се уништени од почетокот на пожарите во септември, а околу 2,7 милиони хектари се опожарени. Пожарот стана толку сериозен што загаденоста на воздухот во некои делови од Сиднеј достигна 12 пати повеќе од опасното ниво оваа недела.

Арена соопшти дека пожарникарите ја почнале акцијата за собирање средства со цел да купат по една маска за човек во нивната бригада. Неговиот апел за јавна поддршка се појави истиот ден кога австралискиот премиер Скот Морисон ја отфрли идејата за плаќање на волонтерски пожарникари.

Морисон рече: „Да, тие се уморни, но сакаат и да ги штитат своите заедници“, додавајќи дека владата не го разгледува прашањето.

Во пораката објавена на Фејсбук во средата, руралната противпожарна служба „Копакабана“ им се заблагодари на сите кои одговорија на нивниот апел за маски за дишење. Групата рече дека веќе ја исполнила својата цел и ќе ги пренасочи дополнителни средства за купување маски за соседните противпожарни екипи.

Треба да знаете
Последни објави