Search

Австралискиот премиер ќе се сретне со претставници од државната телевизија

Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека во вторник ќе се состане со претседателката и извршниот директор на националната телевизија, во обид да ги смири тензиите по двете полициски рации против истакнати медиумски организации.

Полицијата минатата недела изврши рација во седиштето на австралиската радиодифузна корпорација (AВС) и домот на уредникот на „News Corp“, во време кога се водат две истраги за наводно споделување информации од национална безбедност.

Рациите, за кои полицијата соопшти дека се неповрзани, предизвикаа поплаки за напади врз слободата на печатот.

Морисон, кој оттогаш се најде под голем притисок, рече дека ќе ги разгледа сите предлози за подобрување на заштитата на медиумите кога ќе се сретне со претседателката на ABC, Ита Бутроуз и извршниот директор Дејвид Андерсон.

„Ако има предлози или докази или каква било анализа што открива дека има потреба од понатамошно подобрување на тие закони, тогаш владата е секогаш отворена за тоа“, изјави Морисон за новинарите.

Австралија нема основните заштитни мерки за слободен говор во својот устав. Кога владата ги заостри законите за шпионажа во 2018 година, таа додаде одредба за заштита на информаторите.

Морисон, кој беше во странство за време на полициските рации, не може да си дозволи да го развлече проблемот, велат аналитичарите. Тој сака парламентот да ги одобри ветените даночни намалувања кога законодавците се враќаат по изборите, но некои пратеници сакаат да дадат приоритет на амандманите за заштита на слободата на печатот.

Треба да знаете
Последни објави