Search

„Авијатичарот“ од Евгениј Водолазкин добитник на наградата „BookStar 2019“

Организацискиот тим на фестивалот на европската книжевност „BookStar“ со големо задоволство го најавува гостувањето на моментално рускиот писател број 1 на сите светски листи – Евгениј Водолазкин, кому годинава ќе му биде доделена наградата „BookStar“ за најчитана книга помеѓу две изданија на фестивалот.

Вечерва (8 октомври) во киното „Фросина“ при МКЦ ќе биде промовиран неговиот роман Авијатичарот, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Ѓорѓи Крстевски.

Организаторите на фестивалот посочуваат дека романот е најчитаниот наслов во книжарниците на „Антолог“ годинава, а е објавен со поддршка на Институтот за преводи на Русија.

„Авијатичарот почнува со мистерија. Инокентиј Петрович Платонов се буди во болница во 1999 година, без сеќавање за тоа кој е или како се нашол таму. Иако изгледа како да е триесетгодишен, постепено сфаќаме дека е постар од еден век! Вистински Робинсон Крусо, фрлен на брегот на еден чуден модерен свет што не го разбира и од кој де факто е изолиран.

Авијатичарот е дело на сеќавање и заборавање. За заедничкото плетење и разбирање на еден век во руската историја. Романот запрашува: Која е поврзаноста меѓу индивидуалната и колективната меморија? Што е поважно во нашето разбирање на минатото: големите историски настани или малите детали од секојдневниот живот, како што се звуците и мирисите“, се вели во описот за наградената книга.

Покрај овој роман, ќе бидат промовирани уште две претходно објавени книги од овој автор – Лавр и Соловјов и Ларионов, во превод на Павел Попов. Промотор на романите ќе биде книжевникот и универзитетски професор Венко Андоновски, а настанот ќе го модерира Ана Јовковска.

В четврток, пак, 10 октомври, со почеток во 10 часот, во Салата за седници на Филолошкиот факултет во Скопје, Водолазкин ќе одржи почесно универзитетско предавање на тема „Неколку размисли за современиот роман“.

Евгениj Водолазкин е руски писател роден во 1964 година во Киев, Украина. Од 1990 година работи во Одделот за староруска литература, каде што е водечки научен соработник. Автор е на повеќе од сто трудови поврзани со древната и со новата руска литература. Предава на универзитети во Минхен и во Санкт Петербург. Неговиот роман Лавр ги освојува наградите „Големата книга“ и „Јасна Полјана“ во 2013 година. Преведен е на повеќе од 15 јазици.

Фестивалот „BookStar 2019“ беше отворен вчеравечер со промоциите на книгите Двојно стакло од Халдора Тородсен (Исланд) и Воспитувањето девојки во Чешка од Михал Вивег (Чешка). Покрај Евгениј Водолазкин, вечерва ќе бидат промовирани и книгите Бележникот на татко ми и Куќата на џамијата од Кадер Абдолах (Холандија).

За утревечер (9 октомври) најавена е промоција на книгите Исцелување на светот од Слободан Шнајдер (Хрватска) и Малтерего од Марко Шелиќ Марчело (Србија).

Сите фестивалски настани и активности се достапни во програмата на фестивалот на „Фејсбук“.

Треба да знаете
Последни објави