Search

Авантуристичка мистерија „Потрага по средновековното богатство“

На 25.09.2022 година во организација на ХАЕМУС ќе се реализира авантуристичката мистерија „Потрага по средновековното богатство”, интерактивнa социјална едукативна игра. Активностите започнуваат со кратка едукативна тура низ Скопското кале, за да можат учесниците да ги препознаат објектите на старите мапи и приказните поврзани со нив.
Потоа групата го добива царскиот дневник на мајсторот Крон придружен со сет за истражување. Без дополнителна помош од страна, учесниците почнуваат самите да ја водат истрагата преку тимска игра, логичко размислување и по пат на расчитување стари мапи, решавање мистерии, загатки, кодови и тајни шифрарници.

Невообичаената авантура завршува во моментот кога ќе биде откриена големата мистерија – локацијата на средновековното богатство. Ова адреналинско доживување кое во себе ги обединува авантуристичките игри, ловот на богатство и решавањето мистерии е препорачана за деца и млади на возраст од 8-14 години.

Авантуристичката мистерија „Потрага по средновековното богатство” преку интерактивно доживување низ игра и истражување е создадена со цел промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на Македонија од средновековниот период коешто несомнено оставило трага во колективната меморија на главниот град.

Настанот е дел од „Млад истражувач”, образовна програма со педагошки карактер создадена од ХАЕМУС. Овој настан се организира под мотото на УНЕСКО за Отворени Едукативни Ресурси (ОЕР) и логистички е поддржан од манифестацијата „Европски денови на културното наследство”.

Треба да знаете
Последни објави