Search

Шредер смета дека Русија сака војната во Украина да се реши по пат на преговори

 Русија сака преку преговори да биде окончана војната во Украина, а минатомесечниот договор за испораки на жито може да биде чекор во таа насока, изјави поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.

„Добрата вест е дека Кремљ сака решение преку преговори. Првиот успех е договорот за житото и можеби од него полека да може да произлезе и прекин на огнот”, изјави Шредер за неделникот „Штерн” и „РТЛ”, наведувајќи дека минатата недела во Мосвка се сретнал со рускиот претседател Путин.

Шредер оценува дека решенијата за клучните проблеми како што е Крим може да се најдат со тоа што ќе се дозволи да мине одредено време, како и оти „можеби нема да бидат потребни повеќе од 99 години како во случајот со Хонг Конг, туку дека решението ќе се најде во следната генерација”.

Тој наведе дека наместо влез во НАТО на Украина може да и се понуди неутралност по австрискиот модел.

Што се однесува на регионот Донбас во источна Украина, Шредер оценува дека ситуацијата таму е сложена, предлагајќи прашањето да се реши по моделот на швајцарските кантони.

„Ќе треба да се најде решение засновано врз швајцарскиот кантонален модел”, рече тој, истакнувајќи дека останува да се види дали Путин ќе се согласи на враќање на предвоената „линија на контакт” доколку дојде до прекин на огнот.

Шредер кој беше германски канцелар од 1998 до 2005 година, ја критикуваше војната во Украина, но одби да го осуди Путин кого сè уште го нарекува близок личен пријател.

По интензивните критики тој во мај поднесе оставка на позицијата во управниот одбор на руската државна нафтена компанија „Роснефт” и ја одби номинацијата за место во управниот одбор на „Гаспром”.

Треба да знаете
Последни објави