Search

Тренчевска: Работиме на унапредување на социјалните услуги со цел поквалитетен живот на лицата со попреченост и старите лица

Министерката за труд и социјална политика денеска гостуваше на утринската програма на Македонска Радио Телевизија. Темите на кои што министерката говореше беа поврзани со услугата лична асистенција, вториот јавен повик за социјални услуги во општините, новата методологија за усогласување на пензиите и детската заштита.

На почетокот на емисијата беше емитуван прилог со лични астистенти и корисници на кој што беа пренесени искуствата од секојдневниот живот при работата, но и задоволството од спроведената услуга за лична асистенција од страна на Министерството за труд и социјална политика.

„За самата професија како личен асистент на лица со попреченост и лица кои што имаат намалена функционалност потребна е голема емпатија и желба за извршување на дејноста. Оваа услуга е воведена во 2019 година со новиот Закон за социјална заштита и им следува на лица со потешка физичка и најтешка физичка попреченост од 6 до 69 годишна возраст. Во моментот во собрание се и измените на Законот за социјална заштита со кој што планираме да ги вклучиме и лицата со комбинирани пречки со што ќе го зголемиме опфатот на корисници“ изјави Тренчевска.

Министерката истакна дека во моментот има 183 лични асистенти кои што ја нудат услугата лична асистенција преку провајдерите во државата кои што служат како поддршка на корисниците и самите асистенти. Најголем провајдер на оваа услуга е црвениот крст. Таа истакна дека личните асистенти поминуваат обуки за кои што добиваат лиценци за работа како и дека за време на работата, доквалификацијата продолжува со цел испорачување на поквалитетна услуга.

Тренчевска се осврна и на соработката со локалните самоуправи и важноста на социјалните услуги во општините прилагодени на потребите на граѓаните.

„Во 2019 година го објавивме првиот јавен повик за пројавување на интерес на локалните единици за спроведување на социјални услуги. Преку повикот се доставува проект од општината за потребите на локалната заедница за различен тип на услуга како: услуга за помош и нега на лица со попреченост, помош и нега за стари лица, отворање на дневни центри за лица со попреченост или други услуги. Во моментот со 22 општини имаме склучено управни договори каде МТСП го финансира давањето на услугите за лични асистенти во локалната самоуправа.“ рече Тренчевска.

Министерката посочи дека во моментот е активен и вториот јавен повик и ги охрабри општините да приложуваат проекти согласно потребите на граѓаните.​

Треба да знаете
Последни објави