Search

САД го убиле лидерот на Ал Каеда со дрон

Американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека во акција со дрон на ЦИА е убиен лидерот на Ал Каедa, Ајман ал-Завахири. Бајден потврди дека Египќанецот Ајман ал Завахири, бил убиен во американски воздушен напад врз Кабул, Авганистан, во неделата наутро, што е најголемиот удар за милитантната група откако нејзиниот основач Осама бин Ладен беше убиен во 2011 година.

Според информациите дадени од американски официјални лица, Завахири бил на балконот од неговата куќа кога дронот испукал два проектила кон него. Присутни биле и други членови на неговото семејство, но тие беа неповредени, изјавија официјални лица.

„Сега правдата е задоволена и овој терористички лидер веќе го нема. Без оглед колку долго трае, без оглед каде и да сте се криеле, ако сте закана за нашиот народ, САД ќе ве најдат и ќе ве отстранат” – порача Бајден.

„Соочени со неподготвеноста или неспособноста на Талибанците да ги исполнат своите обврски, ние ќе продолжиме да го поддржуваме авганистанскиот народ со силна хуманитарна помош и ќе се залагаме за заштита на нивните човекови права, особено на жените и девојчињата”, истакна американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Завахири се смета за еден од терористичките водачи кои го предводеа планирањето и извршувањето на грозоморните терористички операции во САД и Саудиска Арабија”, се посочува во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија.

„Смртта на Ајман ал-Завахири е чекор кон побезбеден свет. Канада ќе продолжи да соработува со нашите глобални партнери во борбата против терористичките закани, промовирање на мирот и безбедноста и заштита на луѓето овде дома и ширум светот”, наведе канадскиот премиер Џастин Трудо.

„Вечерашните вести се исто така доказ дека е можно да се искорени тероризмот без војна во Авганистан. И се надевам дека ќе им обезбеди барем малку мир на семејствата на загинатите на 11 септември и на сите други кои страдаа од рацете на Ал Каеда”, напиша на Твитер поранешниот американски претседател Барак Обама.

Треба да знаете
Последни објави