Search

Драма на Пластичарска: Со пиштол се заканувал на семејство во автомобил, го апселе „тигрите“

Скопјанец со дебело криминално досие со пиштол се заканувал на семејство со две деца во автомобил, по сообраќајно недоразбирње на Пластичарска. Откако го оштетил возилото избегал, но подоцна го уапсиле „тигрите“ на Бит Пазар.

-На 02.08.2022 на подрачје на Бит Пазар, полициски службеници од Специјалната антитерористичка единица „Тигар” го лишиле од слобода Б.Ф.(36) од Скопје, затоа што околу 17.30 часот, по претходно недоразбирање во сообраќајот, физички го нападнал З.Т.(42) од Скопје, по што со уште едно лице го оштетиле и неговото возило „тојота аурис”, со скопски регистарски ознаки. Притоа, Б.Ф. кај себе имал пиштол. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, велат од МВР. 

Од ОЈО Скопје информираат дека донеле Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено дека ги сторило кривичните дела – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 и Насилство од член 386 став 1 од Кривичниот законик.

-Осомничениот 36-годишник, на 2 август, на булеварот „Никола Карев“ во Скопје, заедно со уште едно засега непознато лице, ја загрозил сигурноста на двајца сопружници и предизвикал чувство на загрозување и страв кај други присутни лица. Додека сопружниците и нивните две малолетни деца со автомобил Тојота се движеле по булеварот, оштетениот и другото лице претрчале пред нив. Осомничениот се доближил до возилото на оштетениот, ја отворил возачката врата, започнал вербално да се расправа, држејќи во раката пиштол марка TANFOGLU во кој имало рамка со 10 куршуми и за кои немал дозвола да ги поседува. Потоа започнал со клоци и тупаници да удира во задниот дел од возилото каде што седеле децата. Кратко потоа полицијата го лишила од слобода и му го одзела оружјето, велат од ОЈО.

Со оглед на тоа што постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Имено, осомничениот претходно бил веќе осудуван за кривични дела, од кои еднаш за обид за убиство.​

Треба да знаете
Последни објави