Search

Владина делегација положи цвеќе во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце

Државната празнична програма по повод 2 Август, големиот национален празник кога славиме 119 години од започнувањето на Илинденското востание – прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 78 години е одржано Првото заседание на АСНОМ со што е воспоставена нашата државност, која започна во Скопје, продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во организација на Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

Владина делегација во состав од министерот за здравство, Беким Сали, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, и заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, положија цвеќе во чест на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, пред споменикот на АСНОМ во Пелинце.

Преку положувањето цвеќе владините претставници оддадоа почит на хероите кои ги положија своите животи за нашата татковина, оставајќи аманет за чување на слободата и вечно сеќавање на остварениот копнеж за сопствена држава, на која борците на АСНОМ ги поставија цврстите темели. Државната програма во Пелинце, по повод одбележувањето на големиот национален празник Илинден е во организација на Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери кој се обрати пред присутните, по што продолжи културно-уметничка програма.

Треба да знаете
Последни објави