August 14, 2022 21:00
Свет

Џонсон: Ќе ја послушам пораката на гласачите

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека ќе ја послуша пораката на гласачите, но и ќе „продолжи” понатаму, откако неговата Конзервативна партија изгуби две пратенички места, по поразот во две изборни единици на вонредните парламентарни избори.

Тој вети дека ќе направи повеќе кога станува збор за решавање на кризата со животни трошоци и оти ќе ги послуша загрижените граѓани.

– Мислам дека како Влада, мораме да го послушаме тоа што луѓето го зборуваат, особено за потешкотиите со што се соочуваат околу животните трошоци, што мислам дека за најголем дел од нив, е првенствено прашање, истакна Џонсон.

Според британскиот премиер, Владата мора да препознае што уште може да се направи, а уверуваше и дека ќе продолжи да се „занимава со грижите на луѓето додека поминуваат низ овој тежок период”, јавија британски медиуми.

Оливер Дауден, претседател на Конзервативната партија на Џонсон, денеска поднесе оставка, со образложение дека не може да продолжи како вообичаено, по два пораза за партијата на вонредни гласања и оти некој мора да преземе одговорност.

Вонредните избори беа предизвикани од оставки на конзервативни пратеници. Еден призна дека гледал порнографија во Парламентот, а друг е прогласен за виновен за сексуално злоставување тинејџери, пишуваат британски медиуми.