December 1, 2021 16:54
Магазин

Џони Деп доаѓа во Белград: Ќе се сретне и со Александар Вучиќ

Холивудскиот актер Џони Деп денеска доаѓа во Белград по повод промоцијата на неговата анимирана серија произведена во Србија „Пафини“, во продукција на „Архангел студио“ од актерот Милош Биковиќ, а создадена во „Јерволино студиос“.

Познато е дека Џони Деп ќе помине еден ден во главниот град на Србија, за време на кој ќе се сретне и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Андриќевиот венец.

По прес-конференцијата, следува турнеја низ студиото, а како што пишуваат српските медиуми, актерот ќе биде сместен во претседателскиот апартман на еден познат хотел. За ручек и вечера ќе се служат национални јадења од Србија, како и ракија и вино.

Инаку, Џони Деп минатата година во Монте Карло изјави дека ги „обожава“ Србија и Србите. За првпат беше во Србија во 1992 година.

За време на новата посета, Џони Деп, Андреа Јерволино и леди Моника Бакарди, како и Милош Биковиќ, ќе го претстават својот заеднички проект „Пафини“, реализиран со поддршка на Министерството за култура и информации на Република Србија.

Ова е продолжение на долгогодишната соработка што Деп ја има со филмската и телевизиската продукциска куќа „Jervolino & Lady Bacardi Entertainment“, како и матичната компанија „Јерволино студиос“ од Србија.