November 28, 2020 22:58
Македонија

Џозеф: Каракачанов напоен со виски и пофалби во Вашингтон се закануваше дека ќе испрати војници во Македонија

Аналитичарот Едвард Џозеф, професор по менаџмент на конфликти во универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон ги коментираше последните истапи на министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов во врка со Македонија.

Тој во анализата насловена „Како Трамп го изгуби Балканот“ вели дека фокусот на администрацијата на Трамп на решавање економски прашања на Балканот и замижувањето кон политичките, придонесе за влошување на односите меѓу некои земји уште од времето на војните пред две децении, објави синоќа Форин полиси, пренесе „Фактор“.

При тоа го истакнува случајот со можната блокада на ЕУ интеграциите на Северна Македонија од страна на Бугарија „поради идентитетски прашања“.

„Последниот графички пример за тоа е несвесното охрабрување од страна на високи службеници на САД на еден НАТО сојузник, Бугарија, да се заканува со воена интервенција кон друг сојузник, Северна Македонија“, се вели во анализата.

Џозеф ја наведува средбата во Вашингтон на 6 октомври меѓу американскиот министер за одбрана, Марк Еспер и неговиот бугарски колега, Красимир Каракачанов „агресивен националист со долга листа од бомбастични изјави против соседната С. Македонија“.

Се додава дека иако минатиот месец Каракачанов уште еднаш ја повторил заканата на Софија за блокада на пролонгираниот почеток на преговорите за членство во ЕУ меѓу Скопје и Брисел, „бугарскиот министер беше напоен со виски и пофалби во Вашингтон, а американските политичари склучија десетгодишен договор „патна карта за соработка во одбраната“ и продажба на осум ловци Ф-16.

Џозеф наведува дека САД го сториле тоа без никаква пројава на загриженост во однос на диктатот на Бугарија. а „по дружељубието во Вашингтон следуваше посета на висок официјален службеник од Стејт департментот, Р. Кларк Купер, на Бугарија, кој „изрази недвосмислена благодарност на САД за посветеноста на Софија на алијансата“.

„Два дена подоцна, Каракачанов го шокираше регионот со отворена закана дека Бугарија ќе испрати војници во Северна Македонија, мешајќи го ултиматумот со тврдењето дека С. Македонија била закана за „територијалниот интегритет на Бугарија“, алудирајќи дека Бугарија има casus belli (повод за војна)“, набљудува Џозеф.

Тој наведува дека Администрацијата на Трамп не само што не испратила некаков сериозен сигнал пред овој изблик на агресија, но и дека САД немаат кажано ништо и после тоа.

„Товарот падна на министерката за одбрана на Северна Макодонија, Радмила Шеќеринска, да испрати достоен прекор до Бугарија, дека „земјата е членка на НАТО, и ние сме членка на НАТО, и ова не е начин како членките на алијансата комуницираат или како треба да комуницираат“.

Џозеф смета дека молкот на САД е непростлив, а од друга страна многу Бугари не се сложуваат со заканите кои нивната власт ги испраќа кон Македонците заради идентитетски прашања и забележуваат дека тоа ќе ѝ наштети на самата Бугарија.