September 26, 2022 02:44
Македонија

Џозеф: Договорот е за добрососедство, а oднесувањето на Бугарија кон Македонија е сè, само не пријателско

Само граѓаните на оваа земја може да кажат што е закана за македонскиот идентитетот, тоа не може да го каже никој од страна, ниту ЕУ, ниту САД, изјави денеска професор Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс од САД при неговата посета на Скопје.

Професорот вели дека земјава има закана од Бугарија, која не ја признава македонската историја и македонскиот идентитет и со тоа го нарушува духот на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија.

„Договорот е за добрососедство, а однесувањето на Бугарија е сè, само не пријателско, дури и непријателско“, вели Џозеф кој учествуваше на меѓународна конференција посветена на украинската криза.

ЕУ и САД направија грешка и не ја ставија Бугарија на исто рамниште како што беше Грција во преговорите со Северна Македонија, додава тој. Споредувајќи ги договорите што Македонија ги направи првин со Грција, а потоа и со Бугарија за да се одблокира патот кон НАТО и ЕУ, Џозеф вели дека оние два договори не се на исто рамниште. Договорот од Преспа, меѓу Грција и Македонија е фер компромис, по што земјата стана членка на НАТО. Но Францускиот предлог со кој се тргна бугарското вето за членство на Македонија во ЕУ, не е тоа. Тој предлог и дава надредена позиција на Бугарија, а тоа исто е грешка на Европската унија, вели Џозеф.