December 9, 2021 01:53
Македонија

Џафери – Форнаве: Силна поддршка на Шведска за членството на Република Северна Македонија во ЕУ

Во рамките на Европската конференција на претседатели на парламенти на земјите членки на Советот на Европа, која се одржува во Атина, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери се сретна со потпретседателката на шведскиот Риксдаг, Лота Џонсон Форнаве.

-Оценувајќи ги односите меѓу двете држави како особено добри и пријателски, претседателот Џафери изрази благодарност за континуираната поддршка на Шведска на демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку бројни развојни проекти, како и за силните заложби за продолжување на политиката на проширување на ЕУ. Тој ја поздрави иницијативата на Риксдагот да започне соработка за демократски развој со Собранието на Република Северна Македонија, и во тој контекст, упати особена благодарност до потпретседателката Џонсон Форнаве како претседавач на Управувачката група од шведската страна, за нејзиниот ангажман како еден од иницијаторите на оваа соработка, информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Оттаму истакнуваат дека Џафери ја информирал Форнаве и за актуелните случувања во земјата, за текот на локалните избори и за резултатите од првиот круг, а се осврнал и на евроинтегративниот процес, при што изразил надеж дека наскоро ќе се најде решение за спорот со Бугарија и до крајот на годината, земјата ќе ги започне преговорите за членство во Унијата.

-Потпретседателката на Парламентот на Кралството Шведска, Лота Џонсон Форнаве, ја оцени како исклучително плодна соработката воспоставена меѓу Управувачките групи на Собранието и на Риксдагот, во кои се застапени пратеници од сите политички групи во двата законодавни дома и информираше дека по одржаните три состаноци на далечина, впечатоците од двете страни се многу позитивни и изрази уверување дека двете држави ќе имаат корист од заедничките активности и од размената на искуствата. Таа ја најави и првата посета во Шведска на пратениците од Собранието на Република Северна Македонија, закажана за почетокот на декември, соопштуваат од кабинетот на Џафери.

Форнаве ја нагласила силната поддршка на Шведска за членството на Република Северна Македонија и изразила уверување дека проблемите можат да се решат со волја од двете страни.