August 9, 2020 04:04
Македонија

Џафери: Ако сакаат ново мнозинство, фер е да кажат, не сме венчани

Претседателот на Собранието, Талат Џафери по вчерашната неуспешна седница за Законот за ЈО  и најавата на СДСМ за ново парламентарно мнозинство, за „Дојчевеле“ изјави дека направил се што е во негова надлежност.

„Јас ли сум виновен што оставија важни закони да се усвојуваат во последните два дена пред распуштање на парламентот? Сите закони кои ги сметаат за приритетни се ставени на дневен ред. Оној за ЈО го доставија на 10-ти февруари, а знаеја дека на 11-ти имаме ратификација на Северноатлантскиот договор. Од септември преговараат за Јавното обвинителство, и јас ли сум виновен што сѐ се собра во два дена? Јас не продавам време и не располагам со екстра време. Не знам кој со кого се расправа и за што се убедува, но ако сакаат ново парламентарно мнозинство, ред е да дојдат и да кажат, а не да се расправаат преку мене. Нека објаснат зошто пред шест месеци се договорија да има избори на 12 -ти април! Ако не сакаат избори, ако сакаат ново мнозинство, нека кажат. Не сме венчани. Но, ако со тоа се вратиме во периодот на политичката криза каква што беше во 2015 година, тоа ќе биде нивен проблем, вели Џафери.

Вели дека секој на негово место би се запрашал „каква е намерата“, ако изјавата за ново мнозинство не доаѓа од кого било, туку од Генералниот секретар на СДСМ.

-Јас седницата за распуштање на парламентот веќе ја закажав за во недела, 16-ти февруари. Ако некој не сака да се распушти парламентот, нека гласа против. Јас како претседател на парламентот имам обврска да ги обезбедам роковите за изборните дејства. Тоа е индивидуален акт и моја индивидуална одговрност, односно сносам поединечна кривична одговрност доколку не го обезбедам тоа, вели Џафери во разговор за ДВ.