August 14, 2022 07:41
Македонија Скопје

Ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во градинката каде на децата им се пушта несоодветна музика

Во врска со информациите, што беа објавени во порталот „Слободен печат“, дека во детска градинка во Општина Карпош на децата им се пушта несоодветна музика, Министерството за труд и социјална политика ја информира јавноста дека веднаш ќе испрати вонреден инспекциски надзор во соодветната установа за згрижување и воспитување на децата.

-Јавните установи за згрижување и воспитување на деца работат врз основа на Програма за рано учење и развој која воспитно – згрижувачкиот кадар е должен да ја спроведува. Надлежните инспекциски служби ќе ја утврдат фактичката состојба околу спроведувањето на Програмата, по што ќе предложат соодветни мерки, велат од МТСП.​

Скандалозно видео снимено во градинка во Општина Карпош е испратено од анонимен родител до редакцијата на „Слободен печат“. Родителот вели дека видеото го испратила воспитувачката, која сама го снимала, за да се пофали на родителите какви активности имале тој ден.

Родителот вели дека кога ја видел снимката се згрозил и затоа ја испратил до „Слободен печат“.