December 4, 2022 19:28
Скопје

Ќе се гради нова единаесеткатница кај Холидеј ин, „Шанса за Центар“ го потсети Герасимовски дека планот е незаконски

Граѓанската иницијатива и советничка листа во Општина Центар, Шанса за Центар, остро реагира на издавањето довола за изградба на нова зграда спроти Холидеј Ин.

„Денеска во мапата за издадени градежни дозволи во Општина Центар ќе ставиме уште една голема точка. За нова зграда спроти Холидеј Ин! Горан Герасимовски и Општина Центар издадоа дозвола за изградба на втора зграда на парцелата која порано беше државно земјиште. Известувањето е објавено во дневните весници. И повторно ќе речат ‘сѐ е по закон’ или ‘моравме бидејќи беше доставено барање за градба’, иако целиот урбанистички план по кој се издаваат дозволите и по кој веќе се гради е очигледно незаконски.Планот во сите параметри го прекршува Генералниот урбанистички план на Скопје, а тоа според Законот за урбанистичко планирање е НЕЗАКОНСКИ и таков план НЕ СМЕЕ ДА СЕ СПРОВЕДУВА.
Но, Градоначалникот и Општината остануваат глуви на овие факти!
Без разлика што општината со издавањето на дозволите оди и самата против себе, против сопствените наоди за тоа колку е лош овој план. Овие наоди се прецизно наведени во стручниот елаборат за суспензија изработен од Општина Центар со кој општината бараше да биде суспендиран овој план и да се изработи нов. Но елаборатот беше одбиен од Министерството за транспорт и врски со образложение дека не може да се суспендира целиот план.
Ваквото незаконско постапување го поддржуваат и други институции како Јавното обвинителство кое повеќе од една и пол година не одговара на поднесената иницијатива од страна на Антикорупциската комисија. Антикорупциската комисија смета дека има низа на законски прекршувања во начинот ипостапката со која е донесен урбанистичкиот план по кој се гради и се издаваат дозволи за овој простор. Но, обвинителството уште не одговара дали ќе отвори случај.
На петицијата со која се бараше овој простор да се осмисли квалитетно наместо само да се градат толкави објекти се потпишаа над 10 илјади граѓани. Меѓутоа, нивниот глас очигледно не значи ништо. За жал, се повторува правилото: Кога институциите молчат, царуваат моќниците!“, поентираат од Шанса за Центар.