Свет

Јункер: Постои вистинска опасност од Брегзит без договор

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер денеска изјави дека ризикот Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор за излез се уште е „многу реален”.

Говорејќи пред Европскиот парламент, Јункер рече дека таквиот Брегзит „можеби е избор на Велика Британија, но никогаш нема да биде избор на ЕУ”.

Европскиот парламент денеска расправа за Брегзит и ќе усвои резолуција во која ќе ја изрази својата загриженост.

Главниот камен на сопнување во договорот за Брегзит е решението за ирската граница, таканаречениот „бекстоп”, според кој Велика Британија ќе мора да задржи некои трговски правила на ЕУ.

Јункер рече дека тој „не е сентиментално поврзан за бекстоп”, но оти е „врзан за целта на таа одредба”.

– Побарав од британскиот премиер да посочи алтернативни аранжмани кои ќе ги смисли, рече Јункер кој во понеделникот разговараше со премиерот Борис Џонсон.