December 6, 2022 00:34
Свет

Јужна Кореја планира да воспостави постојана делегација во НАТО во Брисел

Јужнокорејските власти соопштија дека планираат да воспостават постојана делегација во НАТО во Брисел, во услови кога Сеул е посветен на зајакнување на партнерствата со алијансата и преземање поголема улога на глобалната сцена

Обраќајќи им се на новинарите за планираното присуство на претседателот Јун Сук-јол на самитот во Мадрид овој месец, советникот за национална безбедност Ким Сунг-хан рече дека Сеул ќе се обиде да ги зајакне односите со членките на НАТО поради „непредвидливата” меѓународна ситуација.

Тој прецизираше дека, како дел од напорите, Јужна Кореја е во разговори со НАТО за размена на информации, комбинирани вежби и заеднички истражувања со цел да се спротивстави на новите безбедносни закани.

Јун, кој ја презеде претседателската функција во мај, вели дека неговата главна надворешнополитичка цел е да ја направи Јужна Кореја „глобално важна држава” со фокус на промовирање на слободата, мирот и просперитетот врз основа на нејзините либерално-демократски вредности.

Иако на Самитот на НАТО во Мадрид од 29 до 30 јуни се очекува фокусот да биде на украинската криза, Јун планира да иницира зајакнување на меѓународната соработка против севернокорејската нуклеарна програма, наведуваат локалните меидуми.