December 7, 2022 20:04
Свет

Јапонски дипломат приведен во Русија поради шпиунски активности, до утре мора да ја напушти земјата

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) вчера го обвини јапонскиот конзул во Владивосток дека се обидува да добие тајни информации за економските последици од санкциите врз Русија и побара од него да ја напушти земјата.

„Конзулот Мотоки Тацунори беше уапсен од ФСБ и ослободен по неколку часа, на што Токио реагираше со остар протест, најавувајќи можни соодветни мерки”, изјави владиниот портпарол Хироказу Мацуно за новинарите на денешниот брифинг.

Руската ФСБ соопшти дека конзулот Тацунори беше прогласен „персона нон грата” откако бил фатен како прима тајни информации за економските последици од западните санкции на рускиот Далечен Исток.

Според ФСБ, доверливите информации вклучувале соработка на Русија со неименувана земја во азиско-тихиокеанскиот регион, за кои конзулот понудил „паричен надоместок”.

Москва протестирала до јапонската Влада преку дипломатски канали поради постапките на конзулот, додава ФСБ.

Портпаролот на јапонската Влада истакна дека руските власти употребиле методи на „застрашување” при апсењето, врзувајќи му ги рацете на конзулот и ставајќи му превез преку очите, што е „јасно кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи”.

„Уапсениот конзул не направи ништо незаконски”, нагласи Мацуно додавајќи дека заменик-министерот за надворешни работи на Јапонија му пренел на рускиот амбасадор дека Токио „мора да преземе еквивалентни чекори”, барајќи официјално извинување од Москва.

Конзулот не се пожалил на проблеми по неговото здравје и до утре ќе ја напушти Русија, додаде јапонскиот претставник.