November 26, 2022 13:51
Скопје

Јанчева: Помина една четвртина од мандатот, ВМРО-ДПМНЕ мора да понесе одговорност за хаосот во Скопје

Советничката на СДСМ во Советот на Град Скопје Љубица Јанчева во емисијата 24 Анализа истакна дека Градот Скопје е во потполен хаос.

Градот Скопје има легално избран градоначалник, има Совет со мнозинство и одговорност мора да се понесе. Помина една четвртина од мандатот нема на повидок бесплатен јавен превоз, нема 300 нови автобуси, рече Јанчева.

Според Јанчева решение за проблемот со превозот има Арсовска– бесплатен јавен превоз, кој го вети и на кој бран се фатија мнозинството од граѓаните, но треба да почне со реализација, а на секое прашање за бесплатниот превоз се одговора дека ќе биде етапно.

ЈСП минатата година ја завршило со долг од 2 милиони евра. За десет месеци, тие направија три пати поголем долг од наследениот, нагласи Јанчева.

Советничката на СДСМ Јанчева истакна дека и тие 360 милиони денари, колку што биле за субвенции за студентски и средношколски бесплатен превоз, нема да стигнат да се покрие долгот кон приватните превозници или кон добавувачите на нафта.

Јанчева  нагласи дека градежните работите не се одвиваат со интензивно темпо, завршија сите три фази од предвидената градежна сезона, а реализација немаше, туку реконструкциите се вршат сега со почната учебна година, кога денот е помал.

Булеварот Србија, во насока кон Гази Баба е тесно грло поради непуштениот мост Михајло Апостолски, а со реконструкцијата се прави и дополнително оптоварување надвор од градежната сезона, која ја најави самата градоначалничка, истакна Јанчева, додавајќи дека слична е ситуацијата и на излезот од општина Аеродром, бидејќи во правец кон Центар се реконструира булеварот Кузман Јосифовски Питу, каде веќе трета недела се раскопани двете ленти.

Информации за динамиката и планот за реконструкција на булеварите добиваме од медиумите, бидејќи не може да ги добиеме од градоначалничката, рече Јанчева.

Во врска со натамошното функционирање на советот, Јанчева истакна дека СДСМ во моментот е опозиција во советот и така ќе продолжи.