August 19, 2022 12:47
Македонија

Ѓорчев: Начинот на кој се влезе во процесот на потпишување на договорот со Бугарија, предводен од Заев и Димитров беше апсолутно погрешен

Проблемот на актуелната Влада во градењето на еден конзистентен, двонасочен и успешен македонско-бугарски комуникациски дијалог се состои во начинот на кој што таа влада дојде на власт. Политичкото насилство воедно со боите на шарената револуција гп воведе волунтаризмот на политичката акција на коалицијата СДСМ и ДУИ и вулгаризацијата на реформскиот процес на прифаќање на европските реформи, односно приопштувањето на европските вредности кон македонскиот вредносен систем како единствена привилегија на таа коалиција, истакна Марјан Ѓорчев на денешната трибина организирана во просториите на ВМРО-ДПМНЕ, насловена „Ќе има ли владина одговорност за трајното нарушување на националните интереси?”

Ѓорчев посочи дека начинот на кој се влезе во процес на потпишување на договорот со Бугарија, тогашната Влада предводена од двоецот Зоран Заев и тогашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров беше апсолутно погрешен кој што се базираше на ад хок стратегија која ја немаше во предвид бугарската позиција која што е градена 130 години и во која основа се состои синтагмата дека македонизмот не може во Европската Унија.

„За жал, во контекст на нашиот македонско-бугарски дијалог, начинот на кој што тогашните претставници од таа влада, двоецот Заев-Димитров влегле во подготовката на потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, беше апсолутно погрешен базиран на ад хок стратегија, стратегија која што ги немаше вековните тенденции на бугарската држава за негација и на македонската во современ облик и пред тоа на македонскиот јазик, македонската култура и историја. Така што, уште тогаш владата немаше претстава силината на бугарската позиција која што е градена повеќе од 130 години и која што во основа се состои во една синтагма, Македонија како втора бугарска држава може во Европа, меѓутоа македонизмот не”, вели Ѓорѓев.

Тој посочи дека македонската Влада во овие пет години, после први август 2017 година не успеа ниту во билатералниот дијалог со Република Бугарија, ниту пак во дијалогот со Европската унија да објасни во што е суштината и проблемот, македонизмот кој бугарската страна го смета за анти бугарска појава и во ниту еден сегмент не организираше општествена дебата, што преставува поимот македонизам.

Македонизмот, додава Ѓорчев, де факто е културниот идентификат и идентификација на македонското население на историско географскиот простор Македонија, дека тоа е нашиот цивилизациски вектор, космополитски вектор.

„Проблемот во дијалогот со Бугарија е Договорот за пријателство, соработка и добрососедство. Тој е асиметричен, тој е штетен по македонските национални интереси и тој е неприфатлив, односно, неусогласен со европскиот вредносен систем. Затоа што протежира начелно шовинистички и етнофилетистички амбиции, односно го протежира етносот пред демосот пред демократијата, етнократијата пред демократијата и ја протежира метафизиката пред дијалектиката. Затоа, нашата Влада во преговорите, се потпираше исклучиво на еден тесен круг на луѓе, затворена дебата помеѓу нив, без да се консултираат сите чинители во македонското општество, пред се науката. Тука е нашата Академијата на науки и уметности, тука е УКИМ, граѓанското општество, сето тоа што преставува сила на македонската држава и преку нивните сознанија, преку нивните идеи и предлози можевме да ги пресретнеме бугарските барања”, рече Ѓорчев.

Ѓорчев вели дека Македонија мора да продолжи да разговара со Бугарија и тоа за усогласување на нашите стандарди и принципи, но во делот на, така наречената, заедничка историја, проблематизирањето на основните човекови права и јазикот, идната влада ќе треба да предложи анекс на договор со кој овие три клучни прашања ќе бидат тргнати од Договорот за добрососедство.

„Ние треба да инсистираме да продолжиме, се надевам нашата идна власт со којашто ќе раководи ВМРО-ДПМНЕ ќе мора ад продолжи да преговара со Република Бугарија. Како? Ќе мора да предложи анекс на тој договор во кој што точките, заедничка историја, проблематизирањето на фундаменталните човекови права и граѓански слободи и проблемот на јазикот ќе мора да бидат излачени од тој договор. Да продолжиме да разговараме на начин кој што ќе преставува една европска вредносна рамка да ги усогласуваме нашите стандарди и принципи. Инаку не би можеле да ги преставиме нашите ставови пред Европската унија, доколку ние отстапиме од тој договор”, истакна Ѓорчев.