February 3, 2023 15:29
Македонија

Ѓоргиевска: Економското зајакнување на жената е зајакнување на општеството во целост

Родовата еднаквост и економското зајакнувањето на жените се еден од клучните предуслови за одржлив и инклузивен развој на македонското општество и економија. Економското зајакнување на жената е истовремено индикатор за нивото на демократизација на општеството, но и патоказ кон поправеден економски развој во кој ќе има место за секого, порача денеска сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.

Според Ѓоргиевска, економското зајакнување на жената е зајакнување на општеството во целост и претставува инвестиција во иднината и гаранција за просперитетот на државата.

-Искуствата од големите економски кризи на 20 век покажуваат дека први на удар најчесто се жените. Но, онаму, оние држави кадешто жените се избориле за своето место има многу побрзо закрепнување во државата. Државите со поголема родова балансираност многу побргу, многу полесно ги пребродуваат економските кризи. И компаниите кадешто на чело, на  раководните одбори имаат жени, честопати се поуспешни. Зошто? Заради различниот профил на лидерство, коешто всушност претставува комбинација на амбиција и емпатија, синергија меѓу емоционалните и институционалните капацитети, рече Ѓоргиевска во своето обраќање на тркалезната маса „Женското претприемништво во Република Северна Македонија и неговата улога во даночниот систем”, организирана од Управата за јавни приходи.

Прво, како што рече, принципот на рамноправно плаќање за еднаква работа како еден од најстарите принципи во ЕУ, бидејќи жените во принцип се помалку платени од мажите за извршување на истата работа, и покрај големиот напредок во степенот на образование, на работното искуство и стручноста на пазарот на трудот.

Исто така, напомена Ѓоргиевска, жените се помалку застапени во многу професии. Но сепак, повеќе се застапени во помалку платените сектори. Жените се позастапени во текстилната индустрија, образованието, здравството, угостителството и ваквата нееднаквост, како што рече, се одразува и на нивното учество во даночниот систем како даночни обврзници.

-Родово-базираната дискриминација со која се соочуваат жените на работа е поттикната генерално од традиционалните норми, родовите стереотипи, при што, да речеме, на пример бременоста, сè уште останува ризичен потег во кариерата, бидејќи жените честопати се принудени да избираат помеѓу нивните кариери или да имаат деца. Пандемијата со Ковид-19 дополнително го прошири јазот, бидејќи, од една страна, многу жени претприемачки мораа да останат дома да ја работат својата работа, но истовремено да се грижат и за децата, за болните членови на семејството и за постарите, а од друга страна, пандемијата го забрза процесот на дигитализација и автоматизација и тоа неминовно се одрази на пазарот на трудот и на економијата, рече Ѓоргиевска.

Според Ѓоргиевска, освен отвореното насилство многу повеќе се соочуваме и со прикриено насилство.

-Освен физичкото и психичкото, постои и финансиска, економска зависност, бидејќи доколку жените се економски независни многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви на насилството, потенцираше таа.

Инаку, настанот се одржува во рамки на одбележувањето на Денот на даночниците – 29-ти Ноември и годинава е посветен на улогата на женското претприемништо во даночниот систем.