December 2, 2022 10:25
Македонија

Ѓоргевски: Партениј ќе ја засили мисијата со вистината за МПЦ-ОА

Игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, во црквата „Света Софија“ во Охрид викендов е хиротонисан за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Името на отец Партениј повеќе години се наоѓаше на листата на кандидати за епископи на МПЦ-ОА, а пред петнаесетина години нему му било предложено да стане митрополит на Повардарската епархија, достоинство коешто тој не го прифатил со образложение дека не сака да го напушти Бигорскиот манастир и мијачкиот крај, за чиешто заживување го вложил сиот свој живот.

-Со неговиот избор се засилува процесот на подмладување  на црковниот врв во Синодот на МПЦ-ОА. Тоа е добра тенденција. Од новиот епископ се очекува да продолжи и засили мисијата со  вистината за МПЦ-ОА, да ги убедува и уверува своите колеги дека нашата црква е жива и делува канонски – вели новинарот Бранко Ѓоргевски, аналитичар за верски прашања во разговорот за 24 Инфо.

Предлогот Отец Партениј да биде прогласен за епископ го даде неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, што беше едногласно прифатено од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА. Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски”, а истовремено ќе ја задржи и својата должност игумен на Бигорскиот манастир каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

-Епископот Партениј е познат во православниот свет како човек кој има добри конекции со свештените лица од Грчката православна црква, Бугарската православна црква, Вселенската патријашија, како и со претставниците од Света-горските манастири и тоа треба да се искористи за побрзо МПЦ -ОА да биде прифатена од другите православни цркви. Тој изминативе години работи на зближување на МПЦ-ОА и Грчката православна црква. Тоа сега дополнително треба да го засили процесот со активности пред Вселенската патријашија која треба да се произнесе по нашето барање да бидеме признаени како автокефална црква- вели Ѓоргевски.

Новоназначениот митрополит Партениј во првата пристапна беседа пред верниците истакна дека да се биде епископ значи да се биде прв, но не во превласта, туку во одговорноста и во служењето на другите за добро.

– Важно е сведоштвото и зборовите, но поважни се делата и жртвата, така ќе оставам сработеното досега што секако е плод не на нашата праведност ами на Божјата благодет, само да говори за нашата посветеност кон татковината и нашиот верен народот. Црквата живее и постои за да го изразува совршеното дело на љубовта…рече меѓу другото митрополитот Партениј на промоцијата во  Епископ која се случи викендов во Охрид.

Партениј има силно развиена духовна и општествена мисија, во текот на изминатите две и половина децении. Како искусен духовен раководител, тој со својата духовничка дејност им помогнал на многу души од Македонија и пошироко, да најдат утеха, спокој и решение на животните проблеми. Познат е и по хуманитарната дејност. Партениј им помагаше на лицата, пред сѐ од помладите генерации, кои западнале во пороците на наркоманијата, алкохолизмот, коцкањето и сл. Стотици млади луѓе, без разлика на нивната верска, национална и социјална припадност, со помош на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од канџите на зависностите, туку и целосно да се рехабилитираат и ресоцијализираат и стануваат полезни членови на општеството.

-Не само што ќе ја продолжи својата мисија, туку се очекува Партениј да има уште посилна улога и во зајакнувањето на монаштвото, по што е препознатлив и ценет. Тој е организатор и домаќин на многу свештени лица од другите православни цркви кои доаѓаа во Бигорскиот манастир и имаат можност да се уверат во вистинското православно живеење, вели Ѓоргевски.

Поврзани вести

Хаосот во Скопје прогресира– штрајк и раскинати договори на приватните превозници, тензии во Дрисла, блокирана сметката на „Водовод и канализација“

blink

Нова сензација од Јапонија- ја победи Шпанија и ја елиминираа Германија

Igor

Реформа на даночниот систем- нема нови и зголемени даноци и се укинува прогресивното оданочување

Igor