August 15, 2020 04:26
Балкан

Штрајкуваат поштарите во Словенија

Вработените во словенската пошта го започнаа првиот штрајк во историјата, со барање за зголемување на платата за 10 отсто, како и зголемување на бројот на вработени за 300 лица во компанија којашто вработува 6.300 работници.

Претседателот на Синдикатот на поштенски работници, Саша Гржиниќ за агенцијата СТА вели дека иако нема официјлани бројки, штрајкот го поддржуваат повеќе од половина од вработените.

Поштарите за време на штрајкот не дистрибуираат промотивен материјал, пакети потешки од 10 килограми, не се достапни ниту услугите за плаќање во поштите.

Поштенските работници во моментов добиваат просечна месечна нето плата од 1.040 евра, додека службениците за поштите добиваат 1,194 евра. Извршниот директор на Поштата на Словенија, Борис Новак на прес-конференција рече дека раководството е подготвено да зборува за зголемување на платите, но на начин што не ги загрозува деловните активности и работните места. Според него, прифаќањето на барањето за покачување од 10 проценти би ја чинело компанијата 12 милиони евра годишно, поради што таа би влегла во загуба идната година.