August 14, 2022 21:13
Македонија

Штрајкуваат вработени во штипскиот Основен суд, Основно и Вишо јавно обвинителство

Околу сто вработените штрајкуваат во Основен Суд-Штип, Основното и Вишо јавно обвинителство. Бараат зголемување на платите од 2 806 денари, како и исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15. Според претседателката на синдикалната организација на Основен суд-Штип во рамки на ССМ, Верица Тасева во судот има вработени кои се со високо образование, а не ја земаат платата која ја заслужуваат.

-Можам да кажам дека вработените во Основен Суд-Штип се одзваа на одлуката за повикување на штрајк и штрајкуваме. Штрајкот започна од денес, барањата се да се направи линеарно покачување на платите за 2 806 денари, да се потпише општ колективен договор за целиот јавен сектор и да се обезбедат средства за К-15 за 2022 година. Значи, можам да кажам дека се штрајкува во јавниот сектор секаде каде вработените се синдикално организирани, вели Тасева. За време на штрајкот ќе се работат само 10 проценти од сите работни задачи, кои треба да се завршат, со цел да им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните.

-Има известување што се треба да се работи, односно 10 отсто минимум од работите што ги работи јавниот сектор ќе се работат со цел на сите граѓани кои имаат неопходни потреби, а поврзани со вработените во јавниот сектор да им се излезе во пресрет, но секако ќе почувствуваат граѓаните. И ние не сакаме тоа да се случи, меѓутоа мора да бидат сите трпеливи, пак ќе кажам ние сме само работници кои сакаат со свој труд да си обезбедат достоинствен живот, а земаат многу ниски плати, рече Тасева.

Во штипската судска палата не штрајкуваат само вработените во Апелациониот суд, кои и не се синдикално организирани.