April 8, 2020 09:55
Македонија

Штипското Инфективно одделение подготвено да прими пациенти кои треба да бидат во изолација

Инфективното одделение во Штип е подготвено доколку има потреба да прими пациенти, кои биле во контакт со лица заразени од коронавирусот.

Началникот на Инфективното одделение во Клиничка болница-Штип, Дијана Шишкова вели дека по упатствата на Министерството за здравство испразнето е целото одделение. Пациентите кои се лекувале од сезонски грип и други болести се испратени дома, а потешките случаи од грип се препраќаат во Скопје.

– Во моментов 15-те болнички соби на одделението се испразнети, а во нив има 35 болнички кревети. Во овие соби доколку има потреба би се сместувале пациенти кои имале контакт со заболени од коронавирус. Двете карантински соби се со по еден кревет и се подготвени. За овие две карантински соби имаме посебен влез и излез, за да нема контакт со други пациенти, вели Шишкова.

Таа додаде дека лекарите и медицинскиот персонал ги очекуваат скафандерите, додека останатиот дел од заштитната опрема ја имаат, како што се заштитни наочари, маски, ракавици. Засега немаат известување за евентуално сместување на лицата кои се во домашна изолација од Струмица или пак од Скопје.