February 3, 2023 11:08
Македонија

Штајнмајер: Се наоѓате пред важна одлука за продолжување на европскиот пат

Северна Македонија се наоѓа пред една важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го трасира патот за отворање на поглавјата во поединечни области, како на пример економската политика или владеењето на правото. И јас сум тука за да ве уверам дека вашата земја може и понатаму да се потпре на поддршката на Германија на патот кон ЕУ, порача денеска во Скопје германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничката прес – конференција со домаќинот Стево Пендаровски.

– Јас сум многу свесен дека Северна Македонија на својот пат кон ЕУ беше конфронтирана со особени потешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа со Грција. Вие дадовте импресивен пример за тоа дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики, но се разбира само доколку постои политичка волја од двете страни. И за вашата прагматична подготвеност за компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија, Ви благодарам. Јас сум убеден дека овој став на крајот ќе се исплати, ќе вреди, рече Штајнмајер во своето обраќање.

Тој потенцира дека оваа негова посета на Северна Македонија се случува 15 години по последната посета на германски претседател, но доаѓа во особено важен момент за земјата. Со членството во НАТО и со тековниот процес за пристап во ЕУ, Северна Македонија, додаде Штајнмајер, донесе за себе клучна одлука за правецот во кој ќе се движи, одлука за иднина во мир и во слобода и во една рамка која ќе му ги понуди на стопанството најдобрите можности за развој.

Германскиот претседател го честиташе и почетокот на преговорите со ЕУ во јули годинава и потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик, оценувајќи дека тоа е признание за улогата на Северна Македонија како сигурен партнер којшто е подготвен и меѓународно да преземе одговорност за лидерство.

– Останува важно Северна Македонија да продолжи понатаму со својот внатрешен реформски процес. Вие кажавте дека овој реформски процес ќе биде продолжен и јас сакам да ви кажам дека вашата земја може да се потпре на поддршката од Германија и понатаму. Ние отсекогаш сме ги поддржуваме ЕУ перспективата на Северна Македонија, како и можноста за пристап на Западен Балкан и се залагаме за прием на овие земји во ЕУ. Со еден збор Северна Македонија е дел од европското семејство. Со својата култура и јазик, вашата земја, во тоа сум убеден, ќе ја збогати ЕУ и уште повеќе ќе го зголеми различноста на оваа заедница, не само на културен план Северна Македонија и ќе ја збогати ЕУ, рече шефот на германската држава.

Тој нагласи дека во заедничката надворешна и безбедносна политика земјава речиси стопроцентно се усогласи со надворешните политички позиции на ЕУ.

– И во ОН, Северна Македонија исто така ги поддржува позициите на ЕУ. Северна Македонија како најмлада земја членка на НАТО е доверлив партнер, кој дава значаен придонес за нашата колективна одбрана, додаде Штајнмајер.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека е посебно значајно за нас, што оваа посета се реализира во годината кога конечно после многу одложувања ги започнавме преговорите со ЕУ и кога ни е неопходна поддршка за забрзување на тој процес.

– Во време кога вербата во европските интеграции во целиот регион е разнишана во овој сензитивен период повеќе од потребна ни е помош од големите европски демократии, од предводниците на идејата за обединет континент. Сојузна Република Германија е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери, а германските власти веќе три децении во континуитет ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и нашиот регион, рече Пендаровски заблагодарувајќи се за недвосмислената поддршка што ја добиваме од Германија.

Запрашан во однос на уставните измени и противењето на опозицијата тоа да се случи во овие услови, без гаранции од бугарска страна дека ќе нема нови вета, претседателот Пендаровски го повтори својот став.

– Мојот став е дека на страната на опозицијата која го има тој став кој го знаеме против уставите измени и против внесување на бугарското малцинство во преамбулата на Уставот можеме само да разговараме и да се убедуваме. Ако е вистина, ако е реално тоа што го декларираат дека прво самата содржина на барањето не е спорна или не може да ја дестабилизира државата и ако е точно дека навистина сакаат европски интеграции, тогаш мислам дека навистина треба да проработи свеста и кај нив и да гласаат за уставните промени. Утре, задутре, до година, за година-две, во демократијата секогаш има промена на власт, тие ќе бидат на власт ќе го бараат истото од утрешната опозиција. Зошто тоа не би го завршиле сега ако сите се согласуваме 30 години назад, кога имаме апсолутен процент за членство во ЕУ, претходно за во НАТО. Мислам дека треба да го завршиме тоа час поскоро. Во интерес е на државата и на народот, не е битно кој е на власт, рече Пендаровски.

Двајцата претседатели разговарале и за руската агресија врз Украина, за што споделуваат исти мислења.

– Во актуелната тешка политичка ситуација која што е обележана со војна во центарот на Европа, ние сме едногласни дека токму во оваа ситуација мораме да стоиме едни покрај други. Вашата земја навистина даде значителен придонес за поддршка на Украина. Северна Македонија и по цена на економски потешкотии го даде својот придонес за да може да остане економскиот притисок врз Русија, рече Штајнмајер.

Тој се осврна и на последниот самит на Берлинскиот процес, што се одржа неодамна на кој како што рече, е постигнат клучен напредок во регионалната соработка на Западен Балкан со потпишување три спогодби за мобилост, за меѓусебно признавање на факултетски и стручни дипломи и можноста за патувања само со користење на лични карти.

Претседателот Штајнмајер денеска се обрати пред пратениците во Парламентот, а попладнево ќе има средба и со премиерот Димитар Ковачевски.