December 5, 2022 21:18
Свет

Шпанија испраќа дополнителни генератори во Украина, каде е оштетена енергетската инфраструктура

Шпанската Влада денеска соопшти дека испраќа 14 нови генератори во Украина, за места каде што, поради руските напади врз енергетската инфраструктура, многу Украинци останаа без струја и топла вода пред претстојната зима.

– Денеска испративме нова испорака од 14 генератори, имајќи ја предвид зимата која, како што е најавено, ќе биде многу сурова и многу тешка во Украина, изјави шефот на шпанската дипломатија, Хозе Мануел Албарес на маргините на Парламентарното собрание на НАТО во Мадрид.

Украинската Влада вчера побара поголема помош од ЕУ, проценувајќи дека околу половина од енергетската инфраструктура на земјата не функционира поради масовните руски напади од почетокот на октомври. Во четвртокот падна првиот снег во земјава.

Мадрид уште на 19 октомври најави дека ќе испрати пет генератори во Украина.

Шпанија, исто така, ќе испрати дополнителни 30 амбулантни возила, како и полициско засилување за да им помогне на украинските власти да истражат можни воени злосторства на нејзина територија, рече шефот на шпанската дипломатија.