December 6, 2022 02:59
Свет

Шолц и Лајен се за укинување на едногласните одлуки во надворешната политика на ЕУ

Собирот на европските лидери на редовниот самит закажан за 23 и 24 јуни ќе биде значаен не само поради прашањето за проширувањето на ЕУ, можниот кандидатски статус за Украина и Молдавија, датумот за почеток на преговорите со Македонија и Албанија, туку и поради тоа што на масата ќе најде и прашањето за укинување на едногласноста во одлуките за надворешната политика на ЕУ.

Има повеќе причини за тоа, а двете најсилни во моментов се постојаната блокада на Унгарија на разни пакети на санкции против Русија, како и бугарското вето за Македонија и Албанија, кое ја поткопува целата европска политика во регионот. Поради бугарската опседнатост со историјата и себичните интереси му се нанесува штета на целиот европски проект во регионот зад кој стојат интересите на преостанатите 26 земји од ЕУ.

Канцеларот Олаф Шолц за време на викендот повика на „модернизација на структурите и процесите на одлучување“ во ЕУ и го повтори барањето за одлуки со мнозинство наместо со консензус во надворешната политика.

И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се произнесе дека ЕУ мора да биде способна да реагира побрзо на геополитичките случувања за што треба да стави крај на едногласност во донесувањето надворешно-политичките одлуки.

„Во надворешните работи навистина мораме да преминеме на гласање со квалификувано мнозинство“, изјави Фон дер Лајен во интервјуто пред самитот на Европскиот совет оваа недела.

Фон дер Лајен иако е свесна дека тешко ќе се дојде до голема промена во одлучувањето во ЕУ, дури и само за надворешната политика, таа ќе се залага за тоа. Претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен дошла до цврст личен заклучок дека барањето за едногласност не е одржливо.