February 3, 2023 10:32
Свет

Шолц: Гладот ​​е голема опасност, Русија нема да победи

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во својата неделна порака до граѓаните истакна дека Русија нема да победи во војната во Украина и дека има „други боишта“ на кои меѓународната заедница мора да се фокусира, пред се гладот, што е голема опасност.

Зборувајќи за ситуацијата во Германија, Шолц рече дека Берлин донел далекусежни одлуки во однос на снабдувањето со енергија и дека ќе помине добро во наредниот период, јавуваат медиумите во регионот.

„Гледаме ужасни слики од руската војна против Украина. Ги слушаме вестите за уништување и смрт. Знаеме дека Русија нема да победи во оваа војна“, нагласи Шолц.

Тој посочил дека има и многу други боишта.

Во таа насока, подвлекол дека гладот ​​е голема опасност, напоменувајќи ги Африка, Јужна Америка и Азија.

Додал дека е направено се за да се обезбеди извоз на жито од Украина.

„Исто така, се води битка околу прашањето како да се обезбеди снабдување со енергија во Европа. Донесовме далекусежни одлуки во Германија за да обезбедиме снабдување со електрична енергија, гас и топлинска енергија. Денеска можеме да кажеме дека ќе поминеме добро во наредниот период“, подвлече Шолц.

Тој рече дека нова задача за Владата е цената на струјата, гасот и другите енергенси.

„Тие цени се превисоки и мора да се намалат. Владата ќе се погрижи за тоа. Формиравме комисија и разговараме со сите што увезуваат гас во Европа и Германија“, рече Шолц.
Нагласи дека и во наредниот период ќе има натамошни предизвици и во оваа насока истакна дека е важно да се спроведат пакети мерки за растеретување на товарот на граѓаните.

Германскиот канцелар  патува на Блискиот Исток на дводневна турнеја со намера да склучи нови договори за снабдување со енергија и да воспостави нови сојузи во услови на глобални економски и геополитички превирања предизвикани од војната во Украина.