February 25, 2020 10:32
Македонија

Шкријељ: Инвестираме во раниот детски развој, некои населени места за прв пат добиваат градинки

Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска беше во увид на градежните работи на новата градинка во Општина Конче којашто е во завршна фаза. Јавна установа за деца, “12 Јули” е првата градинка во оваа општина со капацитет за околу 50 деца.
“Продолжуваме со инвестициите бидејќи грижата за секое дете е врвен приоритет на оваа Влада. Градинките не се места само каде што се згрижуваат децата туку и место каде што го осознаваат светот и се воспитуваат. Од Буџетот на државата се издвоени 105 милиони денари за реконстрикција, опремување и изградба на детски градинки, а изминатите две и пол години беа инвстирани над 180 милиони денари. Дополнително обезбедени се и дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки. Како Влада се грижиме и за кадарот што се грижи за нашите деца и само во последната година платите на воспитувачите се зголемени за 21% што е најголемо покачување до сега”, рече Шкријељ.
Шкријељ во Конче ја посети и општинската канцеларија за социјални работи којашто е една од педесетте канцеларии коишто функционираат низ целата држава. “Преку локалните канцеларии како Влада обезбедуваме еднаков пристап на сите граѓани до социјалните права и услуги. Во пракса тоа ќе значи дека жителите нема да треба да патуваат до Центарот за социјални работи во поголемите места за да поднесат барање за користење на социјална помош и да остварат друго право од системот за социјална заштита, туку аплицирањето ќе може да го направат во местото кадешто живеат”, изјави Шкријељ.