August 13, 2022 16:54
Македонија

Шкријељ: ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена се обидува да предизвика тензии во Собранието за од одговорност да се спасат поединци од партијата

Она што два дена се случуваше во Комисијата за европски прашања е уште еден обид на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да предизвикаат инциденти а со цел на секој начин да се обидуваат да ги заштитат своите сопартијци од одговорност, порача пратеничката на СДСМ Санела Шкријељ во емисијата „Топ тема” на Телевизија Телма.
„Со своето однесување во Комисијата пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не дозволија ниту да започне материјална расправа по Законот кој толку го критикува. 388 амандмани поднесоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и сите од прв до последен се „три години се заменува со 10 дена”, „три години се заменува со 11 дена” и така натаму. Сето тоа се прави со цел да не разговараме за суштинските работи на законите нешто што ВМРО-ДПМНЕ постојано го прави откако започнаа со таканаречената активна блокада”  порача Шкријељ додавајќи дека дури и европските партнери посочиле дека реформите во правосудството мора да продолжат но и мора да се спречи намалување на бројот на судиите.
Шкријељ истакна дека очигледно дека некои пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаат личен интерес овие измени на законот да не се донесат, додавајќи дека агресивното однесување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието не е ништо ново и дека станува редовна пракса.
„Видовме како се однесуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и на Комисијата за политички систем и на Комисијата за образование, кога претседателките на комисиите беа физички напаѓани и удирани по рацете од страна на пратеници и пратенички од ВМРО-ДПМНЕ” порача Шкријељ додавајќи дека ова законско решение претходно беше заглавено и во Комисијата за труд и социјална политика каде исто така беше блокирано од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.