December 1, 2021 14:23
Скопје

(Видео) Шилегов: Срамна е црната кампања на ВМРО ДПМНЕ, со еден документ целосно ја демантирам

– Во изминатите четири години го водев Скопје одговорно, чесно и посветено. Мојата единствена мисла беше изградбата на Скопје како модерна европска престолнина. Заедно направивме многу, започнавме развојни и инфраструктурни проекти кои 27 години беа запоставувани на штета на скопјани. Зад мене и мојот професионален тим има видливи и мерливи резултати. Убеден сум дека скопјани ќе ги препознаат и нема да дозволат тие да запрат, а Скопје повторно да назадува, со овие зборови градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ја започна денешната прес-конференција.

– Денес ќе зборувам за недозволивата и срамна црна кампања која против моето семејство и мене ја води ВМРО ДПМНЕ. Кампања на лаги која за жал ја поддржува и мојата противкандидатка. Таа кампања господине Мицкоски и госпоѓо Арсовска е под секое цивилизирано ниво. Тоа што го правите е една од најлошите карактеристики на политичарите. Кога аргументи за работењето не постојат тогаш лагите ги користите како единствен начин за битка, продолжи Шилегов обраќајќи им се на противкандидатката Данела Арсовска и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Уште пред почетокот кампањата, побарав од кандидатите да влезат во оваа кампања фер без лаги и конструкции за лична клевета на секој кандидат. Апелирав да се соочиме со аргументи, а не со подметнувања. Да соочиме проекти кои им се потребни на скопјани, да водиме кампања за реални теми кои се важни за луѓето, а не со лаги. За жал, очекувано, ВМРО ДПМНЕ, како и во целото свое делување, остана доследна на политиката на измама и злонамерни конструкции, како што им правеше долги 27 години на граѓаните на Скопје, додаде Шилегов.

– Денес сум тука со документи да ги демантирам сите прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ и сите зборови искажани од митинзите за тоа колку и како сум ја злоупотребувал мојата функција и незаконити приходи. Овој документ, кој патем е изработен токму на барање на ВМРО-ДПМНЕ од страна на УЈП, потврдува дека мојата имотна состојба и сè што поседуваме јас и моето семејство е еднаква и соодветствува со пријавените приходи и платени даноци. Овој документ потврдува дека ниту еден денар повеќе од она за што сум го пријавил и за што сум платил данок немам потрошено, нагласи Шилегов.

– Ќе престанете ли конечно да лажете и ќе почнете ли конечно да се соочувате со аргументи? Политиката мора да биде лишена од лаги, драги госпоѓо Арсовска и господине Мицкоски. Ние сме тука за луѓето, не се луѓето тука за нас. Престанете да ги лажете, ова се нашите граѓани кои бараат сериозност и решавање на своите проблеми и потреби. Вие за разлика од мене, нудите само лаги. Жал ми е што е тоа вашата единствена агенда. Нашите граѓани не го заслужуваат тоа, им порача Шилегов на Мицкоски и Арсовска.

 

– Скопје не смее да застане сега. Силно верувам дека го препознавате трудот, храброста и напредокот кој Скопје го направи изминатите четири години. Силно верувам дека сакате тоа да продолжи по истиот пат и да го завршиме она што заеднички го почнавме. За тоа да се случи треба да се обединиме. Треба да излеземе масовно на гласање и да потврдиме дека Скопје продолжува напред. Да го оставиме на страна целото политиканство со кое сака да ве замајува ВМРО-ДПМНЕ. Ако верувате дека после години стагнација храбро тргнавме во решавање на проблемите, излезете и поддржете го напредокот. Јас ќе продолжам уште посилно да работам во ваш интерес, повика градоначалникот Петре Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.